Ковачки: Интерпелациите се прв чекор кон демонтирање на коруптивниот систем од СДСМ и ДУИ

 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на денешната прес-конференција истакна дека интерпелациите за петте членови на Судскиот совет не е политичка пресметка, туку, како што рече, прв чекор кон демонтирање на коруптивниот систем создаден од власта на СДСМ и ДУИ во изминатите години. 

-Ова не е прашање на партија, туку прашање на иднината. Ние, како парламентарно мнозинство, сме должни пред граѓаните, пред идните генерации, пред оние кои заслужуваат да живеат во држава со правда, да донесеме одлука со која конечно ќе се стави крај на политичка контрола врз судството. Судскиот совет има 2 проценти доверба кај граѓаните. Ова не е институција што ужива почит, ова е тело што служеше за политичка и бизнис мафијата да ги штити своите луѓе од одговорност, рече Ковачки. 

Пратеникот ги повика и сите опозициски партии да го покажат својот вистински став кон правдата. 

-Нашите пораки се јасни: ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа „за“ интерпелацијата. ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе реформи со кои конечно ќе ставиме крај на партизацијата на судството. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ниту еден криминалец да избега од правдата само затоа што некогаш бил на власт. Судството мора да биде независно. Судскиот совет мора да биде ослободен од партиските влијанија. Затоа, денес е денот кога сите треба да се погледнеме во огледало и да си поставиме едноставно прашање Што ќе им оставиме на идните генерации? Заробена држава или вистинска правда? Граѓаните бараат одговорност. Македонија бара правда. Време е да ја испорачаме. Затоа гласаме За, рече Ковачки. 

11.03.2025 - 11:21

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега