Девет македонски градови ќе добијат брендирани вински продавници
Девет македонски градови ќе добијат специјализирани вински продавници кои ќе се протегаат на површина од 30 до 100 метри квадратни. Проектот за кој ќе се одвојат 10 милиони денари е инвестиција на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Огласот наскоро ќе биде објавен, а првите продавници во кои ќе се продаваат македонски вина и ќе бидат препознатливи дека се брендирани од државата, ќе се отворат во Скопје две и по една во Охрид, Берово, Кавадарци, Штип, Струмица, Прилеп, Битола и Крушево, градовите во кои има најмногу туристи.
Ќе се кофинансира опремување на продавницата во висина од 50 отсто од направените трошоци, но не повеќе од милион денари. Министерството ќе покрива и 50 отсто од надоместокот за закупнина, но не повеќе од 30.000 денари месечно, како и надоместоци за бруто-плата на најмногу две вработени лица, ограничен на просечна месечна бруто-плата во дејноста. Воедно ќе спроведе и обука за вработените кои ќе треба да знаат се за виното.
Корисникот на средствата треба да склучи договори со најмалку 15 производители на вино за снабдување со вина и да има склучено договор во излогот или на полиците да изложи најмногу седум различни етикети од нивната понуда.
Како што информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски на денешната прес-конференција, се планира во иднина да се отворат вински брендирани продавници и на граничните премини и аеродромите, како и специјални штандови за продажба на вино во туристичките места.
- Целта на овој проект е сите регистрирани 81 винарски визби во Македонија да можат да ги понудат своите вина во специјалните продавници за вино, но и да се зголеми внатрешната потрошувачка на вино во Македонија, рече Димовски.
Тој објасни дека годинава е откупено речиси целото грозје во Македонија поради што ќе имаме повеќе вино за продажба.
Винските продавници на страничните ѕидови ќе имаат дрвени полици за вино со висина до 2,3 метри, а во средишниот простор полици високи до 0,85 метри. Таванот ќе им биде со огледала за да се има впечаток дека се престојува во голема визба. На челниот ѕид направен од тули ќе има лого со шарите што се наоѓаат во неколку од македонските цркви, меѓу кои и во Курбиново, а кои претставуваат вински чаши. Врботените ќе бидат облечени во наметка со истото лого, кое ќе се наоѓа и на винските чаши. Винските продавници ќе собираат по околу 2.500 вински шишиња.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа