Ангеловска-Бежоска: Девизните резерви растат и се повисоки во споредба со периодот пред пандемијата

 

Нивото на девизните резерви на крајот на минатата година достигна пет милијарди евра и тие се повисоки за околу 50% во однос на претпандемичниот период.

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, посочи дека девизните резерви се најважниот фактор за одржување на стабилноста на домашната валута и дека во изминатиот период, и покрај кризите, тие речиси непрекинато растеа, како гаранција за задржување на стабилноста на девизниот курс.

Ангеловска-Бежоска рече дека растот на девизните резерви главно се должи на откупот на девизи од страна на централната банка на девизниот пазар, којшто речиси постојано се остварува од средината на 2023 година.

- Вкупно за изминатите две години ние како централна банка на девизниот пазар откупивме 750 милиони евра, со што во целост се надомести износот којшто беше искористен за интервенции на девизниот пазар во периодот на пандемијата и во периодот на енергетскиот шок. Сето ова јасно говори за воспоставените силни одбранбени механизми од идни потенцијални ризици и шокови, заради натамошно одржување на стабилноста на девизниот курс на домашната валута, нагласи Ангеловска-Бежоска. 

Гувернерката посочува и дека несомнено странските директни инвестиции имаат позитивен придонес кон порастот на девизните резерви.

- Во претпандемичниот период, странските директни инвестиции изнесуваа околу 3,5% од БДП, во просек, по забавувањето во текот на пандемијата следеше процес на постепено закрепнување, а минатата година во првите три квартали достигнаа 5% од БДП, што е солидно ниво според историските параметри, истакна Ангеловска-Бежоска. Таа истакна дека странските директни инвестиции не се важни само за порастот на девизниот потенцијал во нашата економија, туку поопшто за инвестицискиот циклус и за побрз раст и зголемување на нивото на доходот, којшто кај нас за жал сѐ уште е низок.

Ангеловска-Бежоска истакна дека за остварување повисок економски раст особено е важна и солидната кредитна поддршка за граѓаните и компаниите од страна на банкарскиот сектор, чијашто стабилност и капацитет за кредитирање се зајакнати и покрај кризниот период, а адекватноста на капиталот е највисока во последниве две декади. Ова се должи меѓу другото и на мерките коишто ги преземаше централната банка. Гувернерката посочи дека важна улога за зголемувањето на инвестициите има и растот на зеленото кредитирање коешто во изминативе години се удвои од 2,2% на 4,4%, информираат од Народната банка. 

08.02.2025 - 10:21

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега