Герасимовски: Наставата без мобилни треба да биде мерка на национално ниво
Мерката за одземање на мобилни телефони во текот на наставата прво започна во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ и беше одлично прифатена од страна на родителите и учениците, изјави градоначалникот Горан Герасимовски во итервјуто за утринската програма на Сител телевизија.
„И јас сум по занимање социолог, откако увидовме со какви проблеми се соочуваме, во 2024 година заедно со тимот на колеги од секторот образование и во соработка со училиштата и директорите, донесовме неколку препораки, меѓу кои првата за забрана на мобилните телефони во текот на наставата. Пилот проектот во училиштето „Св. Кирил и Методиј“, одлично беше прифатен од родителите, но и од учениците. Учениците го почитуваат редот, увидовме бенефит со зголемување на концентрацијата кај децата и поголема вклученост во образовниот процес. Оваа мерка почнаа да ја преземаат и другите општини и очекувам истата да биде спроведена на национално ниво. Донесовме и дополнителни препораки, како дежурство од страна на учениците, поголема контрола и присуство на наставниците во делот на големите одмори во училиштето, но и надвор“, рече Герасимовски.
Градоначалникот истакна дека минатата недела присуствувал на класен час, посочувајќи дека една од препораките е класниот час да не служи само за оправдани и неоправдани, туку и да се разговара и во делот на врсничкото и сајбер насилството.
„На класниот час беа подготвени одлични презентации за учениците од страна на класните раководители, се отворија многу дискусии, дури се отворија дискусии на дел од децата коишто трпеле врсничко насилство и како тоа е стопирано од наставниците, педагозите. Целта ни е сите овие девијантни појави и сите овие несакани дејствија да ги запреме на време за да не се продлабочуваат, да не влијае лошо врз растот и развојот на нашите ученици“, посочи Герасимовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа