Милошоски: Со тоа што премиерот е во Вашингтон - пропаднаа сите тези на ДУИ
Во вечерашното гостување во емисијата „За или Против“ на телевизија Алфа пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски истакна дека присуството на премиерот Мицкоски во Вашингтон на чинот на инаугурацијата е успех за македонската дипломатија, за актуелното политичко раководство и државата.
„Според мене ова присуство на премиерот Мицкоски на инаугурацијата на претседателот на САД во Вашингтон дефинитивно ја фрла во сенка тезата на ДУИ предизборна „За Европа“, „Против Русија“. Се гледаше дека тој е измислен слоган е параван зад кој се криеја можеби незаконитости направени од ДУИ, а ДУИ сакаше да ги покрие со некаква поларизација и стигматизација дека некој е вечно прозападно, а некој вечно стигматизиран дека размислува на некој поинаков начин“, истакна Милошоски.
Милошоски продолжи и додаде:
„Никој не може веќе да жонглира и манипулира со таквите тези за анти америкаризам, авторитаризам и сметам дека во овој случај ДУИ е пред предизвик да докаже во што верува. Владата докажа и пред народот со добиената доверба за што се залага и за овие меѓународни активности доби потврда и на меѓународен план за своето ниво на репутација и во Вашингтон, Берлин, Брисел и на други места, а сега ДУИ треба да се докаже кои се нивните вредности и тоа што го зборуваа против Русија, за Европа да докажат дали во Европа еден доскорешен вицепремиер би бегал од правосудните органи доколку е чист како солза со неговите објави на социјалните мрежи и дали долгогодишниот градоначалник на ДУИ исто така во Струга кој се најде во црната листа дали и тој е чист како солза“, вели Милошоски.
Според Милошоски ДУИ треба да поминат еден период за здраво да се трансформираат и да заборават на поларизација.
„Затоа сметам дека ДУИ треба да си помине еден период на здрава трансформација, да заборави на тие поларизирања, злоупотреба на термините русофилија, албанофобија, проамерикански, антизападни, антиамерикански и слично и да си се погледне во огледало и да си види кои им се клучните грешки во изминатите 20 години и што можат зад себе да направат за да ја фрлат од себе онаа перцепција и индиции за вмешаност во висока корупција и сериозен криминал. Ако сакате да бидете сериозен сојузник во НАТО тогаш мора да посветите многу големо внимание на владеење на правото бидејќи ако корупцијата може на највисоко ниво да ја развиете во лотарија тогаш може да пренесете и во АРМ и да продадете некоја државна тајна која е штетна не само за Македонија туку и за целата алијанса и затоа мислам дека ДУИ треба да се преиспита, реформира и малку да погледне внатре во своите редови за да си направи прочистување на тие редови“, јасен е Милошоски.
Милошоски истакна дека ставањето личности на црната листа на САД е силно испратена порака до ДУИ.
„Ставањето личности на црната листа на САД беше силна порака до ДУИ дека незаконитото работење или вмешаноста во висока корупција за што има сериозни индиции не може да се покрие со европско знаменце или со американско знаменце. Поминаа тие времиња кога реточки се кажуваше дека сте за Америка, за Британија, за Европа, за НАТО и слично а во позадина да работите спротивно на тие вредности и да ја осиромашувате државата, да ги слабеете институциите кои губеа доверба кај граѓаните и со самото тоа да назадува целата држава на штета на сите граѓани. Оваа порака беше токму и до ДУИ и до другите политички субјекти дека во следниот период ќе се ценат многу работи, но најмногу ќе се цени сериозниот ангажман во борбата за владеење на правото што е дел од приоритетите на новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери“, заклучи Милошоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа