Левица: Од „Марковски“ до „Топлина“ - енергетскиот сектор претворен во приватен бизнис на власта

 

„Скандалозната пракса на АД ЕСМ продолжува. Откако театрално го раскина договорот со „Марковски“ под сѐ уште не докажан сомнеж за корупција и криминал, АД ЕСМ со брзина на светлината, по пат на директни преговори без оглас склучи нов договор за ископ на јаглен во РЕК Битола со „Топлина“. Дури и за неупатените во проблематиката, кристално е јасно дека власта под превезот „15% певтино“ користи јавни ресурси за да додели набавки на блиски фирми“, велат од Левица преку писмено соопштение испратено до медиумите.

„Зошто договорот со „Марковски“ беше раскинат и кои се причините за изборот на „Топлина“? Која е втората компанија што и конкурирала на „Топлина“?. Дали ова е уште еден пример на клиентелистички договор кој ги заобиколува сите регуларни процедури за јавни набавки? Имаме ли во државава Обвинителство и Комисија за спречување корупција? Кој следен ќе вози Ферари во Монако?

Очигледно е дека енергетскиот сектор наместо да се раководи од принципите на транспарентност и одговорност кон граѓаните, служи како алатка за богатење на поединци. Ваквите договори, направени зад затворени врати, фрлаат сомнеж за корупција и недомаќинско управување со јавните средства. Токму поради ваквите бизнис зделки, Владата предводена од ДПМНЕ и ЗНАМ има намера да ја укине обврската за транспарентно објавување на јавните набавки.

Партиите кои најавуваа транспарентност и отчетност, денес своите бизнис зделки ги кријат од очите на јавноста. Поради нефункционалните институции не смееме од останеме неми посматрачи на бескрајната низа привилегирани договори за богатење на бизнис кликата блиска до власта. Бараме итна ревизија на овој и сите други договори од ваков тип! Злоупотреба на јавните ресурси за лично богатење потребно е да биде прекратено“, стои во реакцијата на Левица.

13.01.2025 - 18:16

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега