Тошковски: Полицаецот се возбудил од Груби и скапата кола - сега ќе одговара кривично
Има кртови во Министерството за внатрешни работи кои на поранешни високо позиционирани функционери им оддаваат тајни на криминалците за акциите на полицијата, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, одговарајќи на пратенички прашања.
Пратеникот Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ постави пратеничко прашање што е преземено за враќање на избеганиот Артан Груби во државата, кој е осомничен за проневера на 8 милиони евра од Државна лотарија и за негово соочување со правдата. Јаулевски рече дека Груби носеше патики од над 2.000 евра, додека крадеше врз грбот на албанските граѓани и додека тие се иселуваа, Груби поттикнуваше меѓуетнички тензии.
Тошкоски рече дека детаљно ќе одговори.
– Лицето кое го именувавте, факт е дека е недостапно на органите на прогонот. Во недела во раните утрински часови, предметното лице ја напушти Македонија со возило со дипломатски таблици, тој е совозач, седи напред со лицето што вози. Полицискиот службеник од гранична полиција прави кардинална грешка, наместо да констатира дека тој е на стоп-листата, истиот, вознемирен или возбуден од политичката големина на лицето што ја напушта Македонија или од луксузот на возилото, без да ја спроведе стандардната процедура и да констатира дека овој е на стоп-листата, го пушта да излезе непречено. Кога полицаецот констатира дека за него има стоп-листа, лицето веќе е во Косово. Тоа е утврдено со видео запис од камерите што снимаат 24 часа на граница – рече министерот Тошковски.
Тој рече дека внатрешната контрола во полицијата, согласно со сите докази, констатирала дека граничниот полицаец сторил кривично дело, несовесно работење во службата или злоупотреба на службените овластувања.
– Внатрешна контрола достави кривична пријава против него во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. Се истражува дали е сторена ненамерна грешка или ова се случило со умисла. Обезбедени се мобилни телефони и други докази и ЈО води темелна истрага. Ќе расветлиме дали е организирано бегство или се работи за ненамерна грешка на полициски службеник – рече Тошковски.
Во врска со боди-камерите, кои граничните полицајци ги носат на себе, министерот рече дека добар дел од нив не работеле 4 години.
– Раководителот на граничниот премин е казнет од внатрешна контрола затоа што не обезбедил снимање со боди-камерите на полицајците. Тој не е казнет за бегството на посоченото лице, затоа што нема причинско-последична врска помеѓу бегството и неговата немарност во делот на менување на батериите на боди-камерите. Засега само за едно лице е утврдена вина – рече Тошковски.
Од аспект на обвинувањата дека предметното лице е пуштено во договор со ВМРО-ДПМНЕ, „ми текнува на една негова изјава дека од денеска се едно со СДСМ“, додаде Тошкоски.
– Не велеше дека се едно со ВМРО-ДПМНЕ. Отако го снема, говореше дека е чист како солза и дека ќе се врати, па, го повикувам да покаже чесност кон државата што го хранела 40 и повеќе години и да се врати, ќе има правичен процес против него. Нека им покаже на граѓаните Македонци, Албанци, Турци и другите дека не го хранеле за џабе, оти тие го полнеле буџетот, а тој душмански го крадел својот народ. Ако не се врати доброволно и покаже доблест дека си ги сака народот и државата, ќе најдеме соодветен начин да го обезбедме – рече Тошковски.
По одлука на судија на преходна постапка, додаде министерот, распишана е меѓународна потерница за Груби.
– Фактото дека тој е на црната листа на САД, само дополнитено го поткрепува дејствието што го преземавме како МВР. Секој има прааво да ја докаже својата невиност во законита постапка и државата е должна тоа да го обезбеди. Но, бегањето од одговорност е синоним за вина, бегањето од сочување со органите на прогон за граѓаните е признание на вина – рече Тошковски.
Пратеникот Јаулесни рече дека е задоволен од одговорот на министерот и додаде дека ДУИ се откажале од Груби, тоа го кажале јавно и Муса Џафери и Блерим Беџети, само СДСМ и Венко Филипче не се откажуваат и дека имаат страв од него.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа