Милошоски: ЕУ треба да ја зголеми поддршката кон Македонија
„Моето мислење по однос на односот на Европска Унија кон Западен Балкан и кон Македонија во последниве години е дека во самата ЕУ во последниве години недостига лидерство и геостратешка визија за регионот“ , објасни пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во вечерашното гостување на Телма телевизија, во емисијата Вин-Вин, каде се отвори дебата на тема односот на ЕУ кон Западен Балкан.
Милошоски во својот говор притоа ја истакна усвоената Солунската агенда во 2003 година, образложувајќи дека истата претставувала афирмација за европската перспектива на државите од регионот. Во овој контекст напомена дека денес реалноста е сосем поинаква како и разочараноста од земјите од регионот е сосем оправдана.
„Во 2003 година Солунска агенда која беше со ентузијазам примена во регионот, со голема сериозност објавена од страна на ЕУ. Имаше примамливи цели, најави отворени врати за сите земји во регионот за членство во ЕУ. Но ако ја гледаме реализацијата на она што тогаш беше ветено или промовирано и она што денес е ситуација на терен, би рекол дека во голем дел земјите од регионот со право се разочарани“, јасно подвлече Милошоски.
Милошоски објасни дека евроинтегративниот пат е комплексен. Дополнително информираше дека нашата држава и соседните земји, имаат се уште работа за подобрување. Исто така ја нагласи важноста за поддршката која е потребна од страна на ЕУ. Имено, ЕУ е потребно искрено да се залага за зголемување на ЕУ семејството, затоа што Македонија ги исполнува условите.
„Оваа тема станува тема за луѓе кои се подолго време упатени во контекст на евроинтеграциите. Затоа ќе повторам, ние не сме совршени, ниту како држава ниту како регион, имаме прилично работи за подобрување. Но сметам дека Европската Унија и недостига таа стратешка визија, што треба да се направи со овој регион и во кој рок“, дециден е Милошоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа