Филипче: На 24 ноември Конгрес на СДСМ за избор на ново раководство
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање, изјави дека на 24 ноември СДСМ ќе го избере новиот Централен и Извршен Одбор, како и целокупното партиско раководство. На Конгресот ќе се дискутира за идните политики и делување на партијата.
„Имаме комуникации со граѓаните постојано, и јас лично и претставниците на пратеничката група во рамки на изборните единици каде што се избрани. За 24 ноември е закажан Конгресот на СДСМ на кој што ќе се избре новиот Централен одбор од кој ќе произлезе новиот Извршен одбор и целокупното партиско раководство, по што сите активности ќе се засилат“, рече Филипче.
При тоа, Филипче потенцираше дека во моментов во СДСМ се случува значајна консолидација и активно се работи на враќање на довербата во партијата.
„Тоа што го работиме интензивно изминатите месеци е враќање на довербата на нашите членови и симпатизери. Можам да кажам дека имаме позитивен фидбек. Има значително подобрување на атмосферата внатре во општинските организации и тука во централата во Скопје. Вратен е ентузијазмот, ни пристапуваат многу наши членови коишто не гласале или пак гласале за друг политички субјект. Така што , иако тој процес не е лесен, тежок е и одзема време, сметам дека патот на консолидација е дефинитивно почнат“, рече претседателот на СДСМ Венко Филипче.
04.11.2024 - 13:53
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа