Мицкоски: Со провизиите во Сингапур извадивте златна виза

 

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денес во Собранието на пленарната седница за пратенички прашања одговараше на прашањето на пратеникот Филипче за планот на Владата за европските интеграции. Претседателот на Владата истакна дека се работи и ќе се направи сè што е потребно Македонија да излезе на прав пат и да стане дел од Европската Унија каде што и е местото.

„Додека вие коленичевте и ја распродававте Македонија за провизиите кои што ги добивавте во Сингапур и Дубаи да извадите златна виза преку компанијата Стабри, ние работиме и ќе направиме сè што е потребно Македонија да ја извадиме на прав пат и да ја внесеме таму каде што и е местото, а тоа е Европската Унија. Сето она кое што вие го уништивте, наша задача и обврска е да го коригираме и бидете сигурни дека ќе го коригираме. Планот за ЕУ, откако вие го исплукавте и го уништивте, ние ќе се обидеме повторно да го вратиме во живот“, рече Мицкоски и продолжи дека овие изминати 7 години никој нема да ги заборави и ќе има одговорност за сите оние кои што сториле криминал.

„Денес Македонија е горда, исправена и секаде е дочекана онака како што доликува на една држава, а не со свиткана кичма и предмет за поткусурување, кога регионалните лидери си играа потсмев со водството на нашата држава, како што тоа беше напати во овие 7 години. Денес сме цврсти со јасен став и пркосиме и се бориме сето она што вие го уништивте да го вратиме во живот и да го исправиме и знам дека ќе ве разочарам со ова што ќе го кажам, ама на добар пат сме“, истакна премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски му порача на лидерот на СДСМ доколку сака да води лидерска политика да не дозволува луѓето околу него да го санкаат и „да го водат во длабоко“ преку лагите и клеветите.

„Вие каде што одите јас одамна сум се вратил, ова ви го кажувам како пријателски совет. Најголем срам и понижување е тоа кога слушам дипломати во Брисел кои што ми велат дека тие, Германци, Французи, Белгијци се бореле за нас отколку нашето водство во државата. Не можам да го опишам срамот кој што јас го чувствувам во тие моменти, затоа што навистина не можам да се изначудам на лековерноста со која што тие наши политичари пристапувале кон решавање на едни вакви проблеми. Вака не се решаваат проблеми“, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека тоа што денес се работи и во Вашингтон и во Брисел и во Виена претходната власт не можела ниту во сон да го замисли и од таа работа која денес се прави ќе има резултати.

„Планот е еден, а тоа е Европската Унија и се надевам дека еднаш ќе излезете од вашата партиска матрица и ќе му се извините на македонскиот народ и на граѓаните за сè што направивте во овие 7 години, ќе се оградите од криминалните политики кои што ги водевте во  овие 7 години, од срамните политики кои што ги водевте во овие 7 години. Сето она кое што му го нанесовте како болка, очекував од вас да ја искористите можноста овде денес пред говорницата и да се извините. Ја пропуштивте. Нема втора можност за прв впечаток, вашиот беше очаен“, му порача Мицкоски на Филипче и повика СДСМ и опозицијата да дадат поддршка во борбата за одбрана на стратешките интереси на Македонија.

31.10.2024 - 13:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега