Ѓорѓиевски: Локалните власти клучни за имплементација на европските стандарди

 


Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и Министерството за локална самоуправа денеска се домаќини на 23. состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК). Делегатите во ова тело се од редовите на градоначалници и советници од нашата земја и од земјите на Европската Унија. Состанокот кој се одржува во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, го отвори претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

Говорејќи на првата тема, посветена на ,,Развој во процесот на пристапување на Р. Македонија кон ЕУ“, Ѓорѓиевски ја истакна улогата на локалните власти во овој процес, бидејќи 70% од европското законодавство треба да се имплементира на локално ниво, но посочи и на нереалните условувања што Европската Унија ги има кон нас, потсетувајќи и на неодамна понуденото решение за одложено дество на условот, од страна на Премиерот Мицкоски, на Европскиот самит посветен на ЕУ и реформите, што се одржа во Салцбург. Зборувајќи за европските средства од Планот за раст, од кои Македонија до крајот на годината треба да ја добие првата транша од 50 милиони евра, од околу 750 милиони евра, колку што е предвидено да добиеме од вкупно шесте милијарди наменети за земјите од Западен Балкан, Ѓорѓиевски контатираше дека средствата ни се потребни за да ги достигнеме европските стандарди, но никако не треба да пристигнуват како услов и како гест на „добра волја“ од страна на ЕУ.

- Ние сепак веруваме дека ќе изнајдеме соодветни решенија, без вакви сериозни условувања на наша штета, а ја користам и оваа прилика да побарам поддршка од вас на овој наш пат. Она што не радува и ни влева надеж дека локалната власт конечно ќе фати чекор со имплементирање на посакуваните европски стандарди е односот што оваа Влада го има кон општините  и кон ЗЕЛС . Уште на самиот старт од нејзиниот мандат, ни подаде рака и обезбеди финансиска поддршка за општините, за проекти за инфраструктура во висина од 100 милиони евра. Следната година, за истата намена се предвидува поддршка со средства во висина од 150 милиони евра. Исто така, во месец август ЗЕЛС потпиша Меморандум за соработка со Владата, а веќе се вложуваат напори и за креирање на сериозни реформи во локалната власт. Многу досегашни барања што низа години наназад ЗЕЛС ги доставуваше до централната власт, веќе сериозно се разгледуваат и се пристапува кон креирање на подобри законски решенија. Од наша страна, како претседател на ЗЕЛС, сакам да истакнам дека веќе имаме доставено Предлог-законско решение за комунална полиција и се надеваме на наша поголема вклученост  при изработката на конечниот Предлог -Закон. Исто така, задоволни сме што оваа Влада се посветува на воведување на што поголем број дигитални услуги за граѓаните-потенцираше Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.  

Зборувајќи на втората тема на денешниот состанок  ,,Дигитална транзиција, особено во локалните и регионални јавни услуги”, тој потсети на електронските услуги кои ЗЕЛС им ги дава на општините во интерес на граѓаните.

- Одлична вест е и што Владата го прифати долгогодишното барање на ЗЕЛС за обезбедување на софтвер за електронска наплата на данокот. Штета, што ЗЕЛС не е финансиски моќна институција, бидејќи за реализација на оваа идеја од пред шест години, досега не наиде на поддршка ниту од претходните централни структури, ниту пак од  Европската Унија, која  впрочем во нашата земја спроведува Проект ,,Е - иновативни решенија на општините “. Сепак, важно е дека добрите идеи да бидат реализирани и  јас сум сериозен оптимист дека тие ќе се имплементираат.

Од големо значење е што ќе му се даде приоритет и на прашањето за спроведување на паралелен процес на ажурирање на базите на даноци на имот од страна на општините. Нешто за што досега апелиравме до општините на сите седници на Генерално собрание на ЗЕЛС, највисокото тело на заедницата. Истовремено ЗЕЛС истапуваше и со бројни барања до Агенцијата за катастар на недвижности, да им ги префрли  податоците  бесплатно, што за жал не се случи-истакна Ѓорѓиевски во своето обраќање.

На 23. состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија, присуствуваат и свои обраќања имаат и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, шефот за соработка на Европската делегација, Стефан Худолин, претседател на Комисијата за државјанство, владеење, институционални и надворешни работи при Европскиот Комитет на региони Патрик Молиноз, заменик министер за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџински, градоначалникот на Град Скопје Данела Арсовска и Јасна Габриќ, член на Собрание на општина Трбовље и член на европскиот Комитет на региони, Раит Пихелгас, известител на КоР за Зајакнување на локалната власт и претставничката демократија преку нови инструменти за дигитална технологија, Јана Белчева Андреевска, НАЛАС офицер за дигитална трансформација и Ивана Велкова, вршител на должност директор на ALDA Балкан.

30.10.2024 - 13:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа