Димитриеска-Кочоска: Капиталните инвестиции се реални и ќе бидат реализирани

 

Земјава била опомената од Светска банка дека изминатите неколку години воопшто не се внимавало на спроведувањето на проектите што ги финансира оваа меѓународна институција, рече вечерва министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на Предлог-буџетот за 2025 година што го усвои Владата, Димитриеска-Кочоска потенцира дека проектираните капитални инвестиции се реални и нема причина за сомнеж дека ќе бидат реализирани.

Според министерката, од ставката за капитални инвестиции, вредна 50,65 милијарди денари, не може да се крати, зашто најмногу средства се предевидени од кредити.

Димитриеска-Кочоска потврди дека во март ќе има зголемување на пензиите за 2 500 денари, а за раст на платите, објасни, покрај предвидените 5,5 милијарди денари, ќе има и бафери во случај да се постигне договор на Економско-социјалниот совет за нешто плус од она што е планирано со буџетот. Најави и законско усогласување зашто сегашното решение, како што повтори, не соодветствува на политиката за линеарен раст на платите и пензиите.

Министерката рече и дека кон ПИОМ за раст на платите ќе отидат околу 24 милијарди денари, додека за пензиите не можеше да прецизира конкетни бројки.

-Не може да се крати од ставката за капитални инвестиции зашто најмногу средства имаме предвидено од кредити. Никогаш со кредити не биле финансирани толку проекти како сега. Во САД минатата недела имав разговори со Светска банка и бевме опоменати дека изминатите неколку години воопшто не се внимавало на реализација на проектите што тие ги финансираат. Денеска на Влада многу разговаравме за реализација на тие проекти. Нема причина да се сомневаме дека нема да има реализација. Суштината е како ќе се организираат министрите. Овие министри се подготвени, работат напорно за да може да се одглават проектите кои беа заглавени. Ако ги одглавиме проектите, ќе има реалзиација. Ако зборуваме за парите во капитални инвестиции, зборуваме за реални инвестиции, а не за трансфери како во изминатиот период кои завршуваа за исплата на плати или за купување суровини, нагласи Димитриеска-Кочоска.

Вкупно, рече, 105 милијарди денари ќе отидат кон ПИОМ, но тоа е нето ефектот.

-Колку ќе фали за да се исплатат пензиите, не можам да кажам сега, многу се стини бројките. За платите ќе има 5,5 милијарди денари од кои две одат за основно и средно образование. Останатие 3,5 милијарди се за зголемување и на останатите плати, а најверојатно и за зголемување на минималецот. Средства се предвидени плус, има и бафери ако се постигнат и други договори од плчанираното, нека завршат разговорите во ЕСС, најважно е дека има срества 5,5 милијарди плус бафери…., рече Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека за Фондот за здравство има 5,2 милијарди.

Во однос на јавниот долг, нагласи, се ќе зависи како ќе се задолжуваат јавните претпријатија.

-Ако го гледаме она што Министерството за финансии директно може да го контролира, државниот долг нема да ги надмине 60-те проценти. Во однос на јавниот долг, се ќе зависи од тоа какви информации ќе добиеме и од јавните претпријатија во однос на нивната реализација. Вкупно 500 милиони евра е еврообврзницата во јануари, ги обезбедуваме средствата, ќе ја рефинансираме, плус тековни околу две милијарди, но има и државни хартии од вредност кои не влегуваат во Буџетот, информира министерката.

Прашањето дали ќе продолжи мерката за маржите, Димитриеска-Кочоска ги упати новинарите да му го постават на министерот за економија.

29.10.2024 - 19:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега