Таравари: „Вреди“ го подготвува Законот за правична застапеност

 

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со укинувањето на „балансерот“, уште еднаш го повтори ставот дека е потребен Закон за правична застапеност. Тој рече дека „Вреди“ веќе го подготвува законот, за како што најави, веќе следната недела ќе се одржи и јавна дебата.

-„Вреди“ подготвува нов закон, кој што се надевам идната недела ќе биде во јавна дебата. Ќе бидеме в координација со партнерите во коалиција. Од сите страни е констатирано дека „балансерот“ не функционираше како што треба, изјави Таравари пред почетокот на настанот „World Changers Balkan Summit“ во Филхармонија.

Тој подвлече дека е потребен Закон за правична застапеност, не само за етничка категорија, туку за сите категории кои што се маргинализирани во општеството.

-Нам ни треба јавна дебата и синхронизација, бидејќи правичната застапеност е уставна категорија и секогаш кога нешто е уставна категорија, треба да постои и закон, додаде Таравари.

На новинарско прашање дали комисиите и во случајот со смртта на 14 месечното бебе на Детската клиника и со починатата родилка во Куманово покажаа дека станува збор за лекарска грешка, Тараври одговори дека најверојатно во понеделник ќе одржи прес-конференција на која ќе информира за двата случаи.

-Јас за Куманово го прочитав извештајот. За 14 месечното бебе се уште не сум го прочитал, но се надевам дека во понеделник ќе имаме прес-конференција и за двата случаи. Ќе ве информирам во текот на утрешниот ден, рече Таравари.

12.10.2024 - 11:51

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега