Левица: ДПМНЕ повторно ретерира пред ВРЕДИ

 


Во текот на вчерашниот ден, конечно дојде потврда од партијата на Мицкоски дека укинатиот балансер ќе се замени со закон за правична застапеност. Дека етничките вработувања ќе се предочат во законско решение, вицепремиерот МЕЏИТИ најавуваше подолг период, но тогаш ДПМНЕ тврдеше дека Меџити ја помешал Комисијата за правична застапеност со закон!, велат од Левица.

„Иако ДПМНЕ пред само две недели тврдеше дека нема да се носи закон за етнички вработувања и за таа цел е формирана собраниска комисија - сега повторно гледаме како ДПМНЕ ретерира пред помалиот коалиционен партнер и ја продолжува праксата на пазарење со националните интереси, каде што застанаа СДС и ДУИ. Целосно потценувачки е за македонската јавност за само две недели, владејачката партија да го промени својот став за етничките вработувања, додека од друга страна, секојдневно молчи пред скандалите и шовинистичките изблици на партнерот ВРЕДИ.

Оттука јавно прашуваме - дали ДПМНЕ или Вреди имаат 58 пратеници во Собранието?! Скандалозните најави на Изет Меџити за ново законско решение со изјави за етничка припадност заверени на нотар ги оценуваме како ретроградни и сегрегирачки. Впрочем, токму Уставниот суд пресече дека етничката припадност е лично и внатрешно чувство и лично право на секој граѓанин е да ја изрази или да не ја изрази етничката припадност.

Јасно е дека коалицијата Вреди, која е составена од истрошени кадри на ДУИ, наместо да се занимава со политики за унапредување на благосостојбата на сите граѓани - таа единствено нуди "визија" за федерализација и либанизација на Републиката. Најавите за паралелна академија на науки и неуставната двојазичност која ја спроведува спикерот Гаши само потврдува дека партијата на Мицкоски нема ниту капацитет, ниту политичка волја да се спротистави на ваквите анти-македонски политики“, стои во соопштението на Левица.

10.10.2024 - 10:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега