Бесплатно скијање за сите ученици во Кавадарци - новиот ски-центар ќе се отвори до крајот на годината
Учениците бесплатно ќе скијаат во ски центарот што се гради на Кожуф планина, обезбедени се и скии што ќе можат исто така бесплатно да ги користат. Ова го најави кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кој заедно со претседателот на Советот на Општина Кавадарци, Стојанче Рамов и пратеникот Зоран Јованчев, беше на местото каде интензивно се работи на овој капитален проект.
Јанчев информираше дека сите наставници по физичко и здравствено образование ќе бидат вклучени во активностите, да ги доближат вештините на скијање до учениците. Градоначалникот најави дека очекува, скијачката патека да биде пуштена во употреба до крајот на месец декември, со исполнети сите безбедносни услови.
- Кожуф планина е благодет за општината и државата. Тука е детското одморалиште Михајлово, ова важи за воздушна бања. Кон активности на терен пристапивме откако претходно ги добивме сите дозволи од надлежните институции. Кожуф како планина, во овој дел држи доста снег, речиси преку целата зима има снежна покривка. Сезоната може да се продолжува и со вештачки снег, појасни Јначев.
Градоначалникот рече дека патеката што зиме ќе се користи за скијање, во лето ќе може да служи за спуштање со велосипеди и други спортски и рекреативни активности, ќе биде осветлена. Тој рече дека содржините што ќе бидат наменети за сите генерации, ќе се дополнуваат и нема да бидат само комерцијални. Донациите што ќе пристигнуваат за центарот, ќе одат преку спортскиот центар ,,Јасмин", што ќе стопанисува со скијачкиот комплекс, скијачката патека. Комерцијалните цени ќе ги утврдува Советот на Општината.
Јанчев додаде дека местото што е оддалечено околу 35 километри од Кавадарци, има потенцијал и за понатамошен туристички развој со ресторанско и хотелско работење, индивидуални сместувачки капацитети.
Градоначалникот повтори дека теренските работи се донација од општествено одговорната фирма ЈА МИ Кавадарци. Инвестицијата за овој центар била донација од Комерцијална Банка и од Кожувчанка ДОО.
Во изјава за медиумите, Рамов рече дека е ова значаен капитален проект, што, покрај другите, ја вбројува општината во редот на најуспешните во државата. Тој подвлече дека овде ќе се учи и вежба скијањето, а во затворениот пливачки базен што се гради во градот, ќе се учи и надградува пливањето како вештина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа