Измама: Кочанскиот ориз не е кочански

 

Оризопроизводителите од кочанско аламираат за оризот што моментално се продава на македонските пазари. Тие велат дека нашиот пазар е преплавен со ориз од Индија, Пакистан и од земјите од далечниот Исток, и на тој начин се руши не само брендот на кочанскиот ориз туку и нема заштитана домашното производство.

„Имаше многу увезен ориз оваа година, кој се брендира како кочански. Бараме инспекторатот да излезе на терен и да го провери квалитетот, па ако не е кочански, да се продава по онаа марка како што е увезена, дали индиски, пакистански, не знаеме, меѓутоа како кочански да не се декларира, бидејќи се уништува нашиот, кочанскиот ориз, а се знае дека тој е бренд и е најквалитетен“, вели Тони Максимов за Сител.


 

Според него минатогодишната реколта потфрлила по квалитет и по квантитет, а годинава заради задоцнетата сеидба стравуваат дека жетвата ќе биде уште посиромашна.

„Оваа година очекувам да биде полоша од ланската. Оризите се уште се во фаза на зреење, а временските прилики повеќе не се наклонети за оризот. Се плашиме доколку вака продолжи и падне слана, некои ниви нема ниту да се жнеат. Тоа е резултат на касната сеидба и касното пуштање на водата од страна на Водостопанство“, додаде Максимов

Во моментов, единствената надеж за оризопроизводителите се ветувањата од ресорното министерство дека откупната цена на оризот ќе биде зголемена. Ова би требало да ги мотивира да продолжат со обработка на полињата, бидејќи во спротивно, постои реална опасност дека државата ќе стане зависна од увоз на оваа зрнеста култура.

19.09.2024 - 13:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега