САД: Собираме податоци за експлозијата на пејџерите во Либан

САД соопштија дека собираат информации за денешните експлозии на пејџерите во Либан. Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер на редовен брифинг со новинарите рече дека САД не биле вклучени во инцидентите и оти не знаат кој е одговорен.

Говорејќи вечерва, тој додаде дека САД се загрижени за каков било инцидент што може да ги ескалира тензиите на Блискиот Исток и нагласи дека сака да види дипломатско решение меѓу Израел и Хезболах.

Исто така, рече тој, прерано е да се суди како експлозиите би можеле да влијаат на тековните преговори за прекин на огнот.

„Собираме информации за овој инцидент на ист начин како што тоа го прават новинарите ширум светот, за да добиеме факти за тоа што можело да се случи“, изјави Милер.

Најмалку девет лица загинаа, а речиси 3.000 се повредени денеска во експлозии на пејџери кои се користат за комуникација низ Либан.

Експлозиите се случија во време на засилено насилство меѓу Израел и Хезболах, кои војуваат преку границата од избувнувањето на војната во Газа минатиот октомври, во најлошата ваква ескалација во последните години. Израелската војска не одговори на барањата на Ројтерс за коментар. Хезболах првично се воздржуваше да го обвини Израел дека стои зад нападот. Но, сега тие ја обвинија земјата дека е одговорна и рекоа дека ќе добијат „праведна казна“.

17.09.2024 - 21:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега