Перински: Мали се шансите Арсовска да добие од унгарските пари за нови автобуси
Нема да остане локална самоуправа која не аплицирала за средствата што Владата ги нуди за подобрување на инфрастуктурата, рече денес министерот за локална самоуправа Златко Перински. Меѓу апликантите е и Град Скопје кои поднесоа 20 проекти вклучително и проектот за набавка на 95 нови автобуси за јавниот превоз, откако градоначалничката Данела Арсовска не успеа да го убеди Советот на Скопје да и даде поддршка за таа да ги набаво. Шансите Арсовска да добие од унгарските пари за автобуси се мали оти министерот Перински денес нагласи дека основната цел на проектот не е набавка на основни средства.
„Основната замисла на проектот не е да се набавуваат основни средства туку да се интервенира во инфраструктурата. Тоа е основата, но да почекаме да видиме каков ќе биде исходот од евалуационите комисии па да носиме заклучоци. Инаку поентата на овој повик беше онаму каде што самите локални самоуправи немаат доволно средства да инвестираат во подобрување на водоводната канализационата, патната инфраструктура, во делот на образованието, тоа да го направат преку оваа можност која ја даваме преку централниот буџет. Тоа е главната и основна замисла на проектот“, рече министерот Перински.
Апликацијата на Град Скопје ќе биде разгледана и оценета на ист начин како и апликациите од останатите локални самоуправи. Министерот Перински извести дека до вчера, кога беше последен ден за аплицирање, добиле проекти од 72 општини, но бројката не е конечна.
„Вчерашниот ден го затворивме со апликации од преку 72 општини со 330 проекти. Да почекаме да го затвориме и денешниот ден затоа што има информации дека одредени локални самоуправи апликациите ги испратиле по пошта, мислам дека е коректно да почекаме уште некој час“, вели министерот Перински.
По затворањето на повикот следи рок од 10 дена во кој општините треба да ги достават на увид целосните проекти, со сета документација и одобренија за градење до ресорните министерства кои пак ќе формираат комисии за оценување на проектите.
Општините имаат на располагање половина од заемот од Унгарија, односно 250 милиони евра за инфраструктурни проекти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа