Судскиот совет констатира престанок на судиската функција на врховниот судија Наќе Георгиев
Судскиот совет денеска на итна седница донесе одлука за престанок на судиската функција на Наќе Георгиев, судија на Врховниот суд кој е осуден на казна затвор во траење од три години за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, на почетокот посочи дека иако по ова утврдување на престанок на функција не се гласа и не треба расправа, сепак станува збор за престанок на судиска функција на судија од највисокиот суд во државата е осуден со правосилна пресуда за кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
- Истиот судија претходно ја негираше одговорноста, но се докажа дека не може никој, па ни судија да пркоси на фактите и доказите. Во овој момент, нема да се впуштам во коментирање на судската одлука и висината на казната и начинот на кој заврши овој случај, но секако мојот став околу овие прашања е да апелирам до граѓаните да не молчат и да не се плашат. Да се одважуваат и пријавуваат до Судскиот совет и до другите надлежни органи секое коруптивно дејствие преземено од страна на судија. Секоја случај кога судија лично или преку посредник ќе му побара поткуп или било како дејствие или пак услуга заради влијание или донесување на судска одлука, изјави Дамева.
Не смееме, нагласи Дамева, да дозволиме вакви поединци да ја уриваат сликата за целото судство.
- Превземаме чекори во тој дел и понатаму граѓаните и јавноста ќе видат дека Судскиот совет работи и нема да дозволи вакви судии да останат. Поединците си имаат име и презиме, си имаме ние име и презиме. Само малку трпение од јавноста, затоа што веќе некои работи почнаа да се решаваат и резултатите ќе дојдат многу брзо, рече Дамева.
На почетокот на 495-тата итна седница, Дамева посочи дека иако имале рок од десет дена да постапуваат по ова прашање, седницата е во насока на ефикасно и ажурно постапување на Судскиот совет.
- Од страна на Основниот кривичен суд до Судскиот совет е доставена пресуда, врз основа на спогодба со која осомничениот Наќе Георгиев, судија на Врховниот суд е виновен за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание и е осуден на казна затвор во траење од три години. Согласно член 73 од Законот за судовите, на судијата кој е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци му престанува судиската функција, изјави Дамева.
Антоанета Димовска, рече дека како член на Судскиот совет законот не и дозволува да навлегува во висината на казната, но и како член и како граѓанин, не е задоволна со ваквата пресуда, нагласувајќи дека за судиите нема олеснителна околност и дека „или си чесен или не си чесен“.
- Сметам дека за судиите мора да се изрекуваат построги казни. Судија, од кој се очекува правда, добро е што е осуден, но сметам дека оваа казна не е соодветна на она што е направено. Би апелирала до нашите судии сепак да бидат похрабри. Јас јавно кажав дека оваа казна не е доволна, нагласи Димовска.
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, вчера по одржана седница во присуство на надлежен Јавен обвинител, осомничениот Наќе Георгиев и неговиот бранител ја прифати предлог спогодбата меѓу Обвинителството и осомничениот и донесе пресуда со која осомничениот го огласи за виновен и го осуди на казна затвор во траење од три години за кривичното дело од чл.359 ст. 7 Примање награда за против законито влијание за која согласно КЗ предвидена е казна во висина од 1 до 10 години.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера склучи Предлог – спогодба со осомничениот судија во Врховен суд, Наќе Георгиев, за кој постоеше основано сомнение дека сторил кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Георгиев прифатил да му биде изречена казна затвор од три години, и забрана за вршење на професија.
Во соопштението на ОЈО ГОКК стои дека според прибраните докази и описот содржан во диспозитивот на предлог – спогодбата, осомничениот Н.Г. од 06.04.2024 година до 20.05.2024 година во Струмица и Скопје, како службено лице – судија во Врховен суд на РСМ со искористување на своето претпоставено влијание, службена и општествена положба и углед, за наводна интервенција во предмет што се водел во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во два наврати директно побарал и примил награда од вкупно 15.000 евра во денарска противвредност од 922.500,оо денари.
- Откако на почетокот на месец април 2024 година, сведокот, против чиј татко се водела постапката, побарал помош од Н.Г, тој, како награда за да ги утврди околностите за интервенирање во кривичната постапка, побарал 5.000 евра од сведокот кои му биле предадени на Н.Г во неговиот дом во Струмица. На средбата Н.Г му рекол на сведокот дека ќе се обиде да издејствува минимална затворска казна од три години затвор за неговиот татко. Потоа сведокот и Н.Г. имале уште неколку средби и на една од нив Н.Г му кажал на сведокот дека за сума од 30.000 евра преку осудениот И.М. кој е заменик претседател и член на Советот за јавни обвинители наводно ќе интервенираат да се спроведе постапка за спогодување со неговиот татко – осомничен во предмет што се водел во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичен законик, стои во соопштението од ОЈО ГОКК.
Притоа, како што дополнуваат, Н.Г појаснил дека при утврдување на видот и висината на казната на татко му ќе му биде предложена и утврдена казна затвор од пет години, како минимална казна за предметното кривично дело, напоменувајќи му на сведокот дека доколку не се интервенира, татко му, по поднесен обвинителен акт, во судска постапка ќе добие многу поголема затворска казна и дека за цело времетраење на постапката, ќе му биде продолжувана мерката притвор.
- Осомничениот Н.Г. му ветил на сведокот дека во иднина преку неговото реално влијание, службена и општествена положба и углед како судија во Врховниот суд, преку други лица, ќе интервенира, тогаш веќе осудениот татко на сведокот, да добива погодности во текот на издржувањето на казната затвор, а по исполнувањето на условите да добие и условен отпуст од издржување на затворската казна. За да ги поткрепи своите ветувања осомничениот Н.Г. во три наврати во присуство на сведокот, преку апликацијата Ватсап комуницирал со осудениот И.М, кој разговор го слушал и сведокот, кога осудениот И.М кажал дека наводно се преземени сите дејствија за интервенирање за да биде одобрено барањето за склучување на предлог спогодбата така како што ветувал осомничениот Н.Г.,дополнуваат оттаму.
По постигнатиот договор и наводните преземени дејствија за интервенирање, осомничениот Н.Г и сведокот се договориле наградата во износ од 20.000 евра да му биде дадена по потпишувањето на предлог спогодбата и нејзиното одобрување од страна на судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, со што би се потврдило нивното влијание.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа