АХВ: Затруени четири лица, затворена гостилница во Влае

 

По добиена информација од епидемиолог од Центар за јавно здравје за прием на 4 лица во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје со симптоми на труење со храна, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денес, согласно Упатството за постапување по алиментарни интоксикации, спроведоа вонреден инспекциски надзор во гостилница во скопската населба Влае. За лабораториско испитување, земени се брисеви од работните површини и примероци од целата инкриминирана храна што ја консумирале лицата, соопшти АХВ.

„На операторот со храна наредени му се превентивни мерки за чистење и вршење на вонредни санитарни прегледи на вработените лица. Од страна на инспекциските служби, гостилницата е времено затворена до добивање на резултатите од земените примероци за лабораториско тестирање.

Во услови на високи температури и поголеми ризици од труење со храна, АХВ упатува апел операторите да бидат одговорни и да се придржуваат до HACCP принципите за безбедност и правилата за добра производствена и добра хигиенска пракса со цел обезбедување на безбедна храна за граѓаните и заштита на нивното здравје.

Потрошувачите да бидат одговорни купувачи, да водат сметка и храна да набавуваат од регистрирани оператори, односно да пазарат на начин и во време кога нема опасност да предизвикаат нејзина контаминација поради високите температури.

Бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22 на Агенцијата за храна и ветеринарство останува отворена на пријавување на сомнеж во однос на безбедноста на храната. Претставки до Одделението за заштита на потрошувачите граѓаните може да поднесат и лично и електронски на [email protected], стои во соопштението од АХВ.

09.07.2024 - 15:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега