Воведени директни летови од Скопје до Берлин - еве за колку пари можете да летнете до Германија

 

Граѓаните на Македонија од вчера имаат можност со директен лет од Скопје да отпатуваат во Берлин. Летови до еден од најпопуларните европски градови има секои понеделник и петок.

Полетувањето во понеделниците е во 21 часот, додека во петоците од скопскиот аеродром ќе се поаѓа во 18.30 часот. Летот трае околу 150 минути и засега билет во еден правец чини 89 евра.

- Воспоставувањето на оваа нова дестинација е во рамки на стратегијата на ТАВ за зголемување на бројот на директни летови кон големите центри во Европа. Авиокомпанијата „Германија“ и воздушниот оператор „Ер Приштина“ на македонските граѓани кои живеат и работат надвор од земјава ќе им обезбедат уште една можност за почесто да ги посетат своите семејства, но и на туристите и на бизнисмените ќе им овозможи полесен пристап до Македонија, вели генералниот директор на операторот на домашните аеродроми во Скопје и Охрид, „ТАВ Македонија“, Зоран Крстевски, пренесува Курир.

Претседателот и извршен директор на „Ер Приштина“ Лејла Ибрахими Салахи истакна дека од големо значење е фактот што тие на своја страна имаат реномиран партнер како „Германија”.

- Поволните билети, сигурноста и високите стандарди за квалитет, како и пријателските и професионални членови на екипажот се темел на нашиот успех и даваат гаранција дека ќе обезбедиме водечка позиција на пазарот која може да продолжи и да се прошири,вели Салахи.

Павел Оливер, главниот комерцијален директор на централната канцеларија на „Германија“ вели дека воздушниот оператор „Ер Приштина” е на врвот кога е во прашање ваков тип воздушен сообраќај од Германија до Балканот.

- Ние сме многу задоволни што можеме да Ви понудиме успешна директна врска од Скопје до Берлин. Германскиот главен град е едно од најатрактивните места во Европа и омилена и популарна дестинација за совршен краток одмор или викенд, велиОливер.

 

21.12.2013 - 14:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега