Претседателот Иванов се сретна со Сојузот на турски невладини организации

 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, денеска во пресрет на 21 декември - Денот на наставата на турски јазик, оствари средба со претставници на Сојузот на турски невладини организации (МАТУСИТЕБ) на која биле разменети мислења за  положбата на турската заедница во Македонија.

На средбата, шефот на државата истакнал дека Македонија високо го цени придонесот што припадниците на турската заедница го даваат за целокупниот развој на државата и изрази надеж дека ќе продолжат да ја негуваат својата традиција и да придонесуваат за просперитетна иднина на сите граѓани, како и за продлабочување на пријателските односи меѓу Македонија и Турција.

Делегацијата на МАТУСИТЕБ го запозна претседателот Иванов со тековните активности на сојузот, како и со состојбите и предизвиците во процесот на образование и настава на турски јазик. Воедно, поздравено е значењето кое државата го придава на правото на настава на мајчин јазик, како и континуираните заложби на претседателот за рамноправен статус на припадниците на сите етнички заедници во државата и за заштита на нивната култура и традиција. 

- Јазикот на еден народ ја претставува душата на една нација. Преку него се изразуваат националните и културните особености, идентитетот и духовното богатство на земјата. Различностите, сплетот на култури и религии нè прави посебни, додека нашето меѓусебно почитување и доверба ни даваат за право да кажеме дека создадовме цврст мост за меѓусебна соработка и партнерство. Показател за тоа е добрата соработка меѓу Република Македонија и Република Турција за што сведочат и многубројните заеднички реализирани проекти. Нашиот адут е традицијата која нè поврзува и истовремено нè обврзува заеднички да ги промовираме интересите и културните вредности како дел од нашата заедничка иднина. Можноста која ја имаат турската, и другите заедници во Република Македонија, да се образуваат и да говорат на својот мајчин јазик, говори доволно за универзалните вредности за кои се залагаме и за демократската особеност која ја создаваме со векови наназад, се вели во честитката.

20.12.2013 - 14:09
Фото: 
либертас

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега