Џафери: Очекувам спроведување на најновите патокази за забрзано придвижување кон заедничкиот внатрешен пазар

 


Изминатиов период и покрај фактот што Северна Македонија беше во изборен период интензивно работевме на финализирање на нашата реформска агенда 2024-2027. Последната нацрт верзија на реформската агенда одобрена од Владата беше споделена од Европската комисија на почетокот на мај. Очекувам спроведување на најновите патокази кои се однесуваат на забрзано придвижување кон заедничкиот внатрешен пазар, но и на спроведувањето на реформската агенда.

Ова во обраќање го посочи премиерот на техничката Влада Талат Џафери на Регионалниот самит на лидери во Котор, под мотото „Еден регион, заедничка визија“, на панелот 1 „Состојбата на терен и идните планови - нов план за раст“. 

-Воедно сакам да потенцирам уште два важни моменти кои исто така се случија по состанокот во Тирана. Првиот беше на крајот на април кога Северна Македонија ја поднесе својата пред апликација за членство во Единствената европска платежна област (СЕПА). И вториот, кој е во однос на иницијативата за европски центри за дигитални иновации, односно во март, објавивме јавен повик на кој аплицираа повеќе центри за дигитални иновации. Ова се мали но значајни чекори кои ја потврдуваат насоката на движење на земјава, рече Џафери.

Со таков ентузијазам и посветеност, продолжи Џафери, очекувам да се спроведат најновите патокази кои се однесуваат на забрзаното придвижување кон заедничкиот внатрешен пазар, но и спроведувањето на реформската агенда.

Во однос на регионалната соработка, посочи дека ги поддржуваме поставените темели во новиот акциски план за заедничкиот регионален пазар.

- Имајќи предвид дека сме во период пред избор на нова Влада, деталните активности за кои се надлежни ресорните институции, допрва треба да бидат етаблирани во периодот што следи. Овде сакам да го потенцирам фактот дека за да успее новиот акциски план за заеднички регионален пазар на кој напорно работат сите, треба да се одблокира работењето на ЦЕФТА, и сметам дека дојде ред, Северна Македонија да има свој претставник на највисоко ниво, истакна Џафери. 

Изрази надеж, како што рече, дека „оваа трасирана патека ќе продолжи да биде водилка и за следната влада на Северна Македонија“.

16.05.2024 - 11:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега