Kурти: Целта на Косово е членство во ЕУ и НАТО
Косовскиот премиер Албин Курти денеска во Берлин изјави дека целта на Косово е членство во меѓународните организации, ЕУ и НАТО.
Тој при посетата на „Фондацијата Бертелсман“ рече дека целта е да се подобрат односите на Косово со Германија и европските демократски држави.
Курти, потсетувајќи на историјата на 90-тите години на минатиот век и на патот на многу земји кон евроатлантските интеграции и проширувањето на ЕУ, НАТО и Советот на Европа (СЕ), подвлече дека целта на Косово е членство во овие организации.
Тој укажа и на историската важност и „динамиката на односите“ на Косово со Германија и европските демократски држави.
„Првиот чекор го направивме во 2008 година, кога Косово прогласи независност и кога бевме признати од мнозинството демократии во Европа“, рече тој. Како што рече, „вториот чекор се однесува на обединување со институциите кои се столбови на демократска Европа“.
– Сакаме да се приклучиме на НАТО како безбедносен чадор за нашиот континент. Сакаме да се приклучиме на ЕУ како најважен проект и процес на мир и просперитет, потенцираше премиерот на Косово.
Тој ја нагласи важноста на членството на Косово во Советот на ЕУ.
– Првиот чекор што треба да го направиме сега е да се приклучиме на првиот клуб на европските демократии, создаден токму овој месец пред 75 години во Лондон – Советот на Европа, рече Курти.
Тој додаде дека Владата на Косово е посветена на почитување на заедничките вредности, човековите права, владеењето на правото и демократијата.
Курти ги повика германските власти да продолжат да го поддржуваат Косово во последната фаза од гласањето и постигнувањето полноправно членство во таа организација, соопшти Владата на Косово.
Тој рече дека прифаќањето на Косово како 47-ма членка на Советот на Европа на неговата 75-годишнина е „историски напредок, за Косово и неговите граѓани, за регионот и за целиот Совет“. Како што наведе, корист од тоа ќе имаат сите граѓани, особено малцинствата во Косово.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа