Денеска се празнуваат овие светители - за многу години

 

Свети Никита Исповедник

Роден е во Витинија во градот Кесарија. Неговиот татко Филарет штом се лиши од својата сопруга се замонаши и Никита остана кај баба му, мајката на татко му. Откако порасна и заврши со изучувањето на науките појде во Мидикискиот манастир, каде што игуменот Никифор го потстрижа за монах, а по седум години подвиг патријархот Тарасиј го ракоположи за јеромонах. По смртта на Никифор и на Никитиниот верен другар Атанасиј, братството го избра Никита за игумен, а тој тоа го прими наспроти својата волја. Свети Никита им беше светол пример за живот и подвиг на браќата цела низа години. Но кога се зацари царот Лав V Ерменин, после благочестивата Ирина и правоверните цареви Никифор и Михаил, иконоборната ерес повторно се распали. Царот го симна патријархот Никифор и го испрати во прогонство, а на негово место го воздигна еретикот Теодот Каситер, човек со нечист живот. Беше затворен и мачен и Никита, но тој не се поколеба во Православието. Го носеа од затвор во затвор, го мореа со глад и со жед, со мраз и со пот и подбив. Но не даде да се расколеба. Особено му здодеваше еден Никола со потсмеви и навреди. Една ноќ на Никола му се јави неговиот покоен татко во сон и прекорно му рече: „Отстапи од Божјиот слуга!“ Од тој миг Никола се покаја и не само што повеќе не му здодеваше на светителот туку и другите ги одвраќаше да не му здодеваат. Кога царот Лав Ерменин загина со зла смрт, царството го презеде царот Михаил Валвос, а тој ги ослободи православните страдалници. Никита се повлече во едно осамено место близу Цариград, каде последните денови од неговиот земен живот ги помина во молитва и благодарење. Кога умре телото му го пренесоа во неговиот манастир. При оваа поворка мнозина болни коишто се допреа до неговото тело се исцелија. Моштите му беа положени до гробниците на неговиот духовен отец Никифор и другар му Атанасиј. Овој голем јерарх се упокои во Господ во 824 година.

Тропар
Исповедниче на Православието, пастиру на овците словесни, велик молитвенику, од Никифора преподобниот духовно роден, од Тарасие Патријархот со оклопот на свештенството облечен, смело изобличуваше со силата на Духот Свет и цареви и Патријарси, оче наш Никито. По твоите свети молитви, Христос нашиот Спасител да го изобрази ликот Свој во срцата наши.

Свети Павле Неволник

По потекло Русин. Во младоста заробен од Турците. Не сакаше да се потурчи и да ја предаде верата Христова, па го мачеа и го убија во Цариград во 1683 година.

Светиот маченик Улпијан

Момче од градот Тир. Мачен за Христа од началникот Урбан, мачителот на Св. Амфијан (2 април). Најпосле го врзаа во вреќа заедно со еден пес и една змија и го фрлија во морето. Пострада и се прослави во 306 година.

16.04.2024 - 10:17

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега