Алек Болдвин побара отфрлање на обвиненијата против него
Адвокатите на американскиот глумец Алек Болдвин побараа од Судот да ги отфрли обвиненијата за убиство од небрежност против него. Правниците тврдат дека обвинителите изнеле неосновани тврдења и обвинувања против Болдвин.
Станува збор за несреќното пукање кон кинематограферката Халина Хачинс во 2021 година, за време на снимањето на филмот „'Рѓа“, при што таа го загуби животот, а режисерот Џоел Соуза беше ранет. Судењето е закажано за 10 јули во американската сојузна држава Ново Мексико. Барањето на Болдвин уследи откако поротата ја осуди Хана Гутјерез-Рид за убиство од небрежност во одвоено судење. Гутјерез се соочува со затворска казна до 18 месеци.
И на Болдвин му се суди за убиство од небрежност. Според познавачи, пресудата на Гутјерез-Рид може да биде олеснителна околност за актерот, оти тој на 31 јануари годинава повторно се изјасни невин.
Судот во Ново Мексико повторно ја отвори кривичната постапка против него на 19 јануари, повеќе од две години по инцидентот и девет месеци откако беше првично обвинет за смртта на Хачинс. Претходните обвиненија против него беа отфрлени минатиот април кога обвинителите соопштија дека на виделина излегле нови информации што налагаат натамошна истрага.
Немилиот настан со исход - убиство се случи во октомври 2021 година, кога Болдвин вежбал пукање со пиштол за потребите на филмот. Глумецот тврди дека не знаел дека пиштолот бил наполнет со вистински куршуми
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа