Пратениците расправаат за Буџетот

 

Собранието денеска во рамки на 80 - та седница ја продолжи расправата по дополнетиот предлог на буџетот за 2014.

Пратеникот од СДСМ Горан Сугаревски потенцира дека буџетот е лошо проектиран и катастрофален и граѓаните нема што да очекуваат. -Од 2008 година ова е шести буџет како барам средства за патот Прилеп - Велес. Патниот правец е во катастрофална состојба, гледано и од безбедносен аспект, а во пелагонсискиот регион живеат над 300 илјади жители, рече Сугаревски.

 Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека во Прилеп се завршени или во фаза на имплементација повеќе проекти планирани за 2013 за подобрување на животот на граѓаните како почнувањето со изградба на 78 социјални станови, формирано е јавно претпрјатие за превоз и набавени се автобуси, набавена е опрема за селекција на отпад итн.

Илјази Садие од ДПА рече дека Предлог буџетот е дискриминирачки во однос на Албанците. Наспроти забелешките, вели, Владата продолжува да ја загрозува иднината на земјата со нови задолжувања, а расте внатрешниот и надворешниот долг на државата. Оцени дека се лоши состојбите во стопанството, здравството и образованието, а народот осиромашува. Во однос на невработеноста, рече намалена е со административни мерки, а вработувањата се по партиска линија.

- ДПА предложи 57 амандмани на буџетот за да се подобри состојбата и за праведна распределба на буџетските средства за проекти за патишта, за обезбедување питка вода, за реконструкција на училишта, болници и др.  Но за жал не наидовме на разбирање кај парламентарното мнозинство, а ДУИ како партнер во оваа коалиција со голема посветеност помага во дискриминацијата на Албанците, рече Илјази. 

Јани Макрадули реплицираше дека овој буџет не е на штета само на Албанците туку на сите граѓани на Македонија. Најдобар доказ за, како што посочи, расипништвото против сите жители е вели проект Македонско село, којшто надлежните тврдат дека ќе чини 3,5 милиони евра, а веќе сега достигнал 5,5 милиони евра, а исто и зградата за Министертството за траснпосрт и врски за која ресорниот министер тврди дека досега потрошиле 185 илјади евра, а по буџетот на набавки вредноста е 5,081 милиони евра, па вели, некој каде се средствата од разликата. 

Реџаил Исмаили од ДУИ реплицираше дека предложените амандмани од ДПА не нашле за сходно да ги поддржат затоа што тие се веќе дел од владината програма и од Предлог буџетот за 2014 година. Потсети дека за театарот и библиотеката во Тетово предвидени се 70 милиони денари, за ДУТ предвидени се 635 милиони денари од кои 70 милиони капитални инвестиции, за тетовскиот водовод се издвоени 40 милиони денари, а за индустриската зона средсвата од 25 се зголемуваат на 50 милиони денари.

Расправата ќе продолжи во 15 часот по паузата побарана од ДПА. 

18.12.2013 - 13:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега