Спасовски не смета дека е лично одговорен за хаосот со личните документи, вели дека имало предуслови за граѓаните навреме да ги заменат

 

Поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека не чувствува лична одговорност за хаосот кој настана со издавањето на личните документи, пред сè со издавањето на пасошите. Тој во синоќешното интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма изјави дека биле создадени сите предуслови за граѓаните навреме да ги заменат старите лични документи со документи на кои стои новото уставно име на државата.

Условите за издавање на новите лични документи согласно Преспанскиот договор, вели Спасовски, биле создадени од 1 јули 2021 година, а по овој датум, како што додава, не се издавале документи со стари обрасци.

„Не може никого вие сами да го натерате да ги извади документите во 2021 година, во 2022 година или во 2023 година. Апсолутно не сакам да фрлам вина на граѓаните. Меѓутоа, секој еден граѓанин имал можност од 1 јули (2021 година) да започне со промената на личните документи“, порача поранешниот министер за внатрешни работи.

Во интервјуто за ТВ Телма, Спасовски објаснува дека од моментот кога земјава ја склучила спогодбата со Грција, односно кога таа е ратификувана во македонското Собрание, државата ги започнала постапките кои се потребни за да се обезбедат услови за издавање на документи со новото уставно име.

„Преспанскиот договор е потпишан во 2018 година, а во Собранието е ратификуван на 11 јануари 2019 година. Стапува во сила еден месец од ратификацијата, значи на 12 февруари 2019 година. Од тој момент започнуваат постапките коишто се однесуваат на целосна промена на личните документи. Уште истиот ден, на 12 февруари 2019 година, МВР доставува информација до Владата во којашто бара да се започнат сите тие постапки“, вели ексминистерот за внатрешни работи.

Не можете да очекувате, вели Спасовски, дека спогодбата стапува во сила на 12 февруари 2019 година и од 13 февруари некој да може да издаде нови документи со новото уставно име.

„Прво, треба да се изврши набавка на софтверско и хардверско решение коешто ќе ги вклопи новото уставно име и законот за јазиците. Врз основа на тоа да се изврши таа набавка, да се имплементира во системот на персонализација, да се набават новите обрасци, тие да пристигнат и врз основа на тоа да се изменат законските решенија и од моментот кога ќе стапат во сила, да се издавааат патни исправи со новото уставно име“,  вели Спасовски.

17.02.2024 - 11:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега