Само Грција и Кипар се против македонската евроинтеграција
Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија во моментов прават пауза пред финалното усвојување на заклучоците за проширувањето на Европската унија пред Самитот на Европскиот совет во четврток и петок.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, на дискусијата пред паузата, грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос уште на почетокот на дискусијата за Република Македонија ставил до знаење дека Грција не дава согласност за препораката на Европската комисија, нашата земја да добие датум за почеток на преговорите за членство.
Според информациите од дискусијата, Венизелос, поддржан од својот кипарски колега Јоанис Касулидис, истакнал дека новата грчка блокада нема врска само со нерешеното прашање за името, туку дека станува збор за неисполнети Копенхашки критериуми и имплементација на мартовскиот договор, прогрес во владеење на правото, Охридскиот договор итн. Она што позитивно изненадува е неутралниот став на Бугарија, претставена преку шефот на дипломатијата Кристијан Вигенин, па за разлика од лани, денеска Бугарите не му се приклучиле на грчкото вето.
Информациите од состанокот на Советот за општи работи (ГАК) велат дека сите министри од останатите 25 земји-членки биле за Македонија да почне со преговорите. Тие на Венизелос му реплицирале дека единствен проблем што веќе пет години земјата не почнува со преговори е само грчката блокада заради името, при што е потенцирано дека поради новата блокада на Македонија е загрозен кредибилитетот на проширувањето на Унијата.
Сепак, со оглед на тоа што е потребна едногласност за носење на залучок во однос на проширувањето, вечерва е најавено дека само ќе се формулира заклучок за Македонија каде главна поента е дека нема датум за преговори за членство.
Заклучокот, помалку или повеќе, се очекува да биде идентичен како оној од ланскиот декемвриски Совет, со тоа што наместо формулацијата „Советот ќе се врати на предлогот на Европската комисија за отворање на преговорите за време на следното претседателство”, договорено е да стои дека „Советот ќе се врати на ова прашање во 2014 година” од причина што од јануари до јуни идната година ќе биде грчко претседателство со ЕУ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа