Ковачевски и Маричиќ: Денешното достоинствено чествување на роденденот на Делчев поука за наредните години

Поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски и вицепремиерот задолжен за европски прашања во техничката Влада, Бојан Маричиќ изразија задоволство од денешното, како што рекоа, достоинствено чествување на роденденот на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Ваквото чествување, порачаа, треба да биде поука за наредните години.

-Навистина на достоинствен начин се одбележа 152-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Драго ми е што на ваков начин го одбележавме овој голем ден во македонската историја. Тука сме во црквата „Свети Спас“ каде Делчев побарал да биде погребан, во независна суверена Република Македонија. Можеме да бидеме горди, не само што тој почива во независна Македонија, туку и во Македонија која напредува, која е дел од НАТО, која ќе стане дел од ЕУ и навистина, може и тој и сите ние да се гордееме со тоа што го направивме во изминатите децении, изјави Ковачевски по чествувањето.

Според Маричиќ, името и делото на Гоце Делчев доликува да се слави без конфликти, национализам и злоупотреба. 

-Денеска имавме убава прилика и можност да се потсетиме на делото на Делчев и да оддадеме почит на се она што го има направено за слободата на нашата татковина. На овие момент добро е да се покаже почит, но и обединетост во празнувањето на неговото име и дело, но и во оддавањето почит - вака доликува како денес што прославивме, токму вака доликува да се оддаде почит и вака е многу подобро отколку како минатата или некои други години кога овој празник што треба да обединува, предизвикувал поделби. Се надевам дека оваа година ќе биде поука за сите наредни години. Владата презема се што беше потребно за денешниот ден да помине во најдобар ред, истакна Маричиќ.

На новинарско прашање на што се должи тоа што атмосферата е смирена и без тензии, тој одговори дека навреме се делувало политички и институционално. 

04.02.2024 - 14:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега