САД: Ги поддржуваме сите напори за истрага на корупција во Северна Македонија
Силно ги поддржуваме напорите на Северна Македонија да бара одговорност од оние кои ја злоупотребуваат довербата на јавноста за лична корист, изјави за Гласот на Америка на македонски портпарол на Стејт департментот, на прашање за иницијативата на Министерството за надворешни работи да се санкционираат и дома лицата и субјектите што се ставаат на црната листа на САД.
– Иако не коментираме за законодавството што се очекува, ние поздравуваме и силно поддржуваме какви било и сите напори за истрага на наводни коруптивни криминални активности и да се повикаат на одговорност оние кои ja злоупотребуваат јавната доверба за лична корист, изјавија од Стејт департментот.
Велат дека „институционалните и законски реформи кои ја зголемуваат транспарентноста и ја зајакнуваат борбата против корупцијата би биле добредојдени не само од меѓународната заедница, туку и од сите граѓани на Северна Македонија“.
Согласно предложените измени на Законот за рестриктивни мерки, правните акти на САД и Обединетото Кралство ќе бидат валидна основа за ставање на лица или компании на домашниот список на санкции.
Целта, како што рече министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе биде одржување на меѓународниот мир, безбедноста, почитување на човековите права и основни слободи, како и борба против корупцијата.
Поради вмешаност во значителна корупција, САД во текот на изминативе две години ги ставија на „црната листа“ поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, бизнисменот Орце Камчев, Ратка Камчева, Сергеј и Ирина Самсонеко.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа