АПИС: Се злоупотребува евроското знаменце на Комисијата за европски прашања за да се затворат легални објекти за игри на среќа

 

Од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа предупредуваат дека вчера истекол последниот рок за разгледување на амандмани на Комисијата за европски прашања во Собранието за предложените измени на Законот за игри на среќа.

Напоменуваат дека за да се спречи изјаснување на пратениците за последниот амандман за намалување на дистанцата од 500 на 200 метри од образовни институции и да се спасат 10 илјади работни места, претседателот на Комисијата прво ја прекинал седницата во 13 и 55 минути, па ја продолжил дури во 17 и 20 минути, за да во 18 часот ја заклучи сесијата без воопшто да спроведе гласање.

„Со ова сценарио се изврши брутална злоупотреба на ЕУ знамето за да се затворат легалните објекти за игри на среќа. Ако предложените измени на Законот за игри на среќа се скандалозни и противуставни сега и процедурата за нивно донесување станува АНТИДЕМОКРАТСКА и АНТИЕВРОПСКА! Не постои друг пример во законодавен дом на земја членка на НАТО, која сака да стане полноправен член на Европската Унија, да се спречува гласање на народни избраници со деловнички акробации. Го повикуваме Претседателот на Републиката, Стево Пендаровски да си го одржи зборот и да ја преиспита целата хронологија на злоупотреба на ЕУ знамето за овие измени. Да не дозволи заради предизборни калкулации и тој да стане соучесник во ова погубно сценарио. Го повикуваме Евроамбасадорот Дејвид Гир и сите амбасади на земји членки на ЕУ да реагираат и да не дозволат да се злоупотребуваат европските процедури и принципи за спроведување антиевропски и антидемократски сценарија“, велат тие.

Од АПИС додаваат дека евентуалното усвојување на измените во ваква верзија и на пленарна седница, ќе ја врати Македонија во 1990 кога имаше покер апарати зад завеси во кафулиња, диви играчници по подруми во секое маало, државата ќе нема никаква контрола и тогаш младината навистина ќе биде загрозена.

„Уште еднаш апелираме до пратениците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, пред овие противуставни и скандалозни законски измени да преминат на пленарна седница, многу добро да размислат што евентуално ќе дозволат да се случи. Илјадници Македонци од економски маки ги напуштаат своите родни огништа и си ја бараат среќата во туѓина. Ако измените се усвојат најмалку 35 илјади луѓе ќе станат нови кандидати за иселеници во западните земји.

Нашата институционална и демократска борба ќе продолжи. Ќе водиме правни битки, ќе следи иницијатива пред Уставен суд, ќе следат тужби за астрономски отштети кои ќе се прекршат преку грбот на народот. Без егзистенција ќе останат 10 илјади вработени, 54 до 100 илјади други работни места кои се поддржуваат преку легалните игри на среќа ќе доживеат сериозен економски удар, сопствениците на објектите ќе останат без закупнина, банките ќе активираат хипотеки и други гаранции. Државниот Буџет ќе изгуби 280 милиони евра годишен приход што е најмалку пет проценти од планираните државни приходи за 2024“, објаснуваат од АПИС.

Како што велат тие, како најголем приватен работодавач, претставници на инвестиции од земји членки на ЕУ, општествено одговорни компании кои во континуитет градат партнерски однос со заедницата, имаат основано право да очекуваат нивниот глас да биде слушнат.

13.01.2024 - 10:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега