Ковачевски за продолжување на рокот за личните документи: Првин Пендаровски да разговара со грчката претседателка
Кога Пендаровски ќе има разговор со грчката претседателка, ќе нѐ информира, а потоа ќе можеме да постапуваме.
Вака премиерот Димитар Ковачевски одговори на новинарско прашање дали Владата размислува за промена на двата закона за да се продолжи рокот за вадењето на личните документи.
Ковачевски и вчера го повика Пендаровски да се слушне со грчката претседателка за да помогне во процесот.
„Верувам дека и претседателот може да се чуе со претседателката на Грција бидејќи сепак и тоа е нивото на кое може да се комуницира. Претседателот најдобро знае бидејќи тој беше вклучен во подготовката на преспанскиот договор, при зачленувањето во НАТО, беше координатор за НАТО, веројатно има повеќе детали како би можело тоа да се реши на меѓународно ниво со Грција и зошто да не“, рече вчера Ковачевски.
Тој објасни дека законските измени се прават со согласност на сите што се потпишани и се работи за меѓународни документи.
Претседателот Пендаровски, претходно во телевизиско интервју на „Сител“, посочи дека законскиот рок 12 февруари за вадење на новите документи со законски измени за еден ден може да се смени и да се пролонгира до септември поради големиот метеж на пунктовите.
„Прво, тоа е срамно понижување на македонските граѓани. И непотребно. Второ, ова им го предложив на најмалку двајца министри во македонската Влада – со брза интервенција во два закона – Законот за личната карта и Законот за патните исправи и ако е потребно и Законот за безбедност во патниот сообраќај, тоа се прави во едно попладне, знаеме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закона, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари, да биде септември-октомври, претходно ќе ги известиме и Грците дека немаме намера да бегаме од обврските од преспанскиот договор“, рече Пендаровски.
Договорот од Преспа предвидува дека промената на личните документи треба да го следи отворањето на поглавјата со ЕУ и тоа да заврши пет години оттогаш.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа