Финансиска полиција во вторник влегува во М-НАВ

 

Финансиската полиција во вторник ќе влезе во М-НАВ за да го испитува целокупното финансиско работење на ова Акционерско друшство во државна сопственост, пренесе Сител.

Ќе се испитува целокупното финансиско работење, работата на целокупниот менаџмент, јавните набавки, работењето на синдикатот, како и последните вработувања за кои Синдикатот има многу забелешки.

Ова доаѓа по вчерашниот упад и напад врз контролор на летање во контролната кула. Нападот се случи откако претходно претседателот на Синдикатот на М-НАВ, Александар Тасевски одржа прес-конференција на која беше објавен ставот на членството, дека не прифаќаат вработувања по притисок на раководството.

По инцидентот Владата соопшти дека веќе на следната седница во вторник ќе одлучува за разрешување на раководството на М-НАВ. Во соопштението беше посочено и дека премиерот Димитар Ковачевски ќе бара од Јавното обвинителство, Антикорупциската комисија, Финансиската полиција, како и меѓународните институции од сферата на авиосообраќајот да направат комплетна ревизија на работата на Акционерското друштво.

Инаку, Тасевски на прес-конференцијата обвини дека раководството на оваа компанија го злоупотребила буџетот преку јавните набавки.

Од Синдикатот на контролорите на летање кои денеска беа примени од делегацијата на ЕУ соопштија дека ја имаат комплетната поддршка од Делегација како и од колегите од државите во регионот и во ЕУ и најавија дека остануваат на своето барање, разрешување на раководството во М-НАВ а во спротивно ќе почнат со штрајк на 10 јануари и блокада на воздушниот сообраќај.

05.01.2024 - 22:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега