Новогодишно обраќање на вицепремиерот Битиќи: Солидарноста и сплотеноста сите не прават победници , овие вредности нека не водат низ новата година
Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на сите граѓани им ја честита новата 2024 година, за која вели дека е шанса за нов почеток, и да ja искористиме за убави мисли, почит, одговорност и грижа еден за друг, во нашата секојдневна работа и живот.
„Мојата желба е низ оваа година да не водат позитивните вредностите кои не дефинираат сите нас како граѓани на земјава, секој со сопствен белег и придонес кон создавањето на подобро утре. Ова е мојата водилка овие три и пол години како вицепремиер во Владата, која вие ја препознавате како Влада која решава кризи и работи за вашата благосостојба“, вели Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи во новогодишното обраќање рече дека она што ја прави различна социјалдемократијата, е грижата и поддршката за најранливите.
„Затоа сум исклучително горд на мерките со кои граѓаните од ранливите категории полесно ги презимуваат зимите. Овие мерки, кои ги носиме во криза, значат повеќе пари кај оние на кои им е најпотребно, кога им е најпотребно. Не забораваме никој. Помагаме во криза, но одговорно мислиме и на иднината. Токму затоа се фокусиравме и на зголемување на платите. Растот на платите во овие шест години никогаш не бил поголем, и тие ќе продолжат да растат“, вели Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи се осврна и на напорите на Владата за создавање на предвидливост и за оние кои се дале себеси и својот труд за ова општество.
„Затоа донесовме нова методологија за покачување на пензиите, за сите наши пензионери, согласно стандардот за живот. Солидарноста и сплотеноста сите не прават победници. Ова се позитивните вредности со кои ќе надвладееме над поделеноста и разединетоста. Вака ќе чекориме кон иднината, мислејќи на нашите деца, свесни дека токму тие, нашите деца, ќе живеат со последиците од нашите постапки денес. Затоа, за себе потврдувам, но и на сите на кои ни е доверена привилегијата да носиме одлуки, не повикувам, да постапуваме одговорно со нивната иднина, иднината на нашата држава. Да ја направиме да биде светла, јасна, извесна. Ви посакувам Среќна Нова 2024 година“, вели во новогодишното обраќање заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа