Двојното државјанство им отвори пат на косовски политичари кон македонското Собрание
Косовската партија „Самоопредеување“ влегува на изборите во Македонија. Ваква вест одекна викендов во медиумите, откако Изет Меџити од Демократското движење, пред споменикот на Скендербег, гордо го претстави вклучувањето на партијата на косовскиот премиер Албин Курти како четвртата политичка партија во коалицијата Европскси сојуз во Македонија.
Меџити најави дека програмата ќе ја работат заедно, а отворија и заедничка канцеларија.
Меџити во изјава за „Макфакс“ објаснува дека поединци кои дејствуваат во косовската партија ќе се најдат на парламентарните листи, а некои веќе и биле дел и од македонската политичка сцена.
„Советникот на Албин Курти за Македонија, Беким Ќоку е стружанец и македонски државјанин. Тој и порано бил пратеник во македонското Собрание“, вели Меџити, кој го најави Коќу како претставник на „Самоопределување“ во Македонија.
Меџити објасни дека „Самоопределување“ дејствува како партија со политичари од целиот регион и во својата структура има државјани и на Македонија, Албанија, активисти од Прешево. Верува дека одлуката не се судира со законите.
Македонските закони не дозволуваат учество на странска партија, но кандидат за пратеник може да биде секој кој е државјанин на Македонија
Според македонските закони, не е дозволено учество на странска партија во изборниот процес.
Во членот 8 од Законот за политички партии е наведено дека политички партии регистрирани во други земји не можат да дејствуваат во државата.
Движењето „Самоопределување“ не е регистрирано во Македонија и како такво не може да биде дел од изборниот процес. Тоа го потврди и претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски кој вчера изјави дека не постои можност партијата на Курти да учествува на изборите во Македонија.
Во таа насока и професорката, Мирјана Најчевска, вели: „Според нашите закони не може странска партија да учествува на избори, не може странски државјанин да биде на изборна листа и не може некој кој членува во друга партија освен таа која е носител на листата да биде на листа. Така што не ми е јасно што им е идејата“.
Истовремено, ако се погледне изборниот законик, улсовите да се биде пратеник во македонското Собрание се задолжително поседување на македонско државјанство, наполнети 18 години и деловна способност.
Во македонските закони, дозволено е пратениците да имаат двојно државјанство и не се јасно наведени ограничувања доколку дејствуваат полички во друга држава.
Дел од познавачите деновиве коментираат дека праксата политички активисти од други држави да дејствуваат политички во Македонија, со македонско државјанство, остава простор за воскреснување на идеите за големите држави на Балканот.
Ова, дополнително, може да штети на националните интереси во иднина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа