Бектеши: За мнозинството граѓани сметките за струја ќе бидат пониски

 

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека со  новата одлука за цената на струјата мнозинството од граѓаните во државата ќе плаќаат пониски сметки како корисници во првиот и вториот блок. 

На новинарски прашања на денешната прес-конференција во Владата за поддршката на компаниите преку Развојната банка за економскиот раст на државата,  Бектеши кажа дека е земена предвид просечната потрошувачка на струјата на повеќето домаќинства во државата, нагласувајќи дека како Влада речиси две години работат на намалување на трошоците за подобар животен стандард. Мерката за него како министер е во интерес на граѓаните, посебно на оние со потпросечни приходи во семејствата.

- Затоа е одлучено во првиот и во вториот блок кумулативно ако ги земете како податоци да има намалување, а во делот на давачката за дистрибутивната мрежа ние тоа и претходно сме го кажале, сега можам само да го повторам дека тоа е задоцнета одлука на РКЕ, воедно и на другите институции кои би можеле да влијаат врз секторот енергетика, кажа Бектеши.

Тој повтори дека има активни и пасивни потрошувачи на електрична енергија.  Има, посочи, иселеници со по два, три стана, имаат вили и слично, како и оние кои живеат во државата. Кога одат преку викенд имаат приклучок во електричната енергија, а трошоците за дистрибутивната мрежа ги плаќаат тие граѓани кои на дневна база трошат електрична енергија.

- За да бидам јасен во потрошувачката на електрична енергија по киловат, вие плаќате мрежарина по киловат која се пресметува и затоа одлуката на РКЕ е намалување на цената на дистрибутивната мрежа за тие што не користат електрична енергија, а имаат пристап кон електричната енергија и тие да плаќаат надоместок за одржување на мрежата или слично, што значи дека товарот во делот на трошоците за дистрибутивна мрежа ќе спаѓа на тие граѓани кои имаат вили, два стана, повеќе куќи или пак граѓани кои не живеат секојдневно во државата. Граѓаните кои секојдневно користат електрична енергија за нив повеќе од 20 проценти ќе биде намалена дистрибутивната мрежа, што значи дека тие во првиот и во вториот блок ќе плаќаат пониски сметки за електрична енергија, а тие се мнозинство во државата, појасни Бектеши.

За граѓаните од третиот и четвртиот блок, повтори дека кажал некои имиња и рече дека дел од нив трошат струја како фабрика. Појаснувајќи ги процентите и наплатата, тој кажа дека оние кои трошат до 630 киловати ќе имаат намалување на сметките.

- На сметка од 2.000 денари, ако тарифата за дистрибутивната мрежа моментално е речиси двојно од тоа што се плаќа за електрична енергија, таму има намалување од 27 проценти. На 1.000 денари намалување од 27 проценти е 270 денари и ако плаќаш надомест од 200 денари, значи имаш намалување од 70 денари. Да не зборуваме за сметки поголеми од 1.000 денари. Ако вие имате сметка од 2.000 денари од ЕВН каде 1.000 плаќате за мрежата и 1.000 плаќате за електричната енергија. 1000 денари за мрежата со одлуката на РКЕ се намалува за 27 проценти, што значи дека имаш намалување од 270 денари. Со воведување на новата давачка вие пак имате намалување од 70 денари. Од сметка од 1.000 денари за мрежа, вкупно 2.000 денари. Ако е 2.000 денари, намалувањето е уште поголемо, што значи дека граѓаните од првиот и вториот блок кои трошат до 630 киловати сите ќе добијат пониски сметки на струјата, посебно во делот на дистрибутивната мрежа и посебно во потрошувачката на електричната енергија, вели Бектеши.

Најави дека денеска на седница на Влада ќе се расправа за продлжувањето на важнсота на гарантираните цени до крајот на јануари. За лседниот месец очекува во Собранието да биде усвоен и законот за нефер трговски практики со кој  ќе се воведе нова регулатива во делот на трговијата посебно за земјоделските и прехранбените производи.

 Во законот за нефер трговски практики што е веќе во Собранието со европско знаменце е предвидено на предлог на Министерството за економија и во консултации со организации на потрошувачите и со стопанските комори да се направи листа на производи за целата година за кои  нема да може да има маржа во ланецот на трговија повеќе од 10 проценти. Додека не се усвои законот за нефер трговски практики ќе имаме времени мерки како што се одлуките за замрзнување на цени или пак замрзнување на маржи, најави министерот за економија.

26.12.2023 - 13:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега