Од наплата на патарини собрани рекордни 62 милиони евра
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми презентирајќи ги резултатите од работата на претпријатието рече дека годината што изминува, е рекордна од аспект на инвестиции, рекордна година на приход од наплата на патарини, но и историска година затоа што е потпишан договор за идните генерации и за иднината на секој граѓанин и отпочнат проект за градење на 110 километри автопатишта со “Bechtel & Enka”.
Оваа година, според Рустеми ќе ја завршиме со рекорден приход од 62 милиони евра.
„Поточно, годинава имаме 100 проценти зголемување на приходите од патарина за разлика од пред три години. Како споредба, во 2020 година од наплатени средства по основ на наплата на патарина остварен е вкупен приход во висина од 34 милиони евра, во 2021 година од над 46 милиони евра, во 2022 година износот е веќе над 53 милиони евра и оваа година ќе ја завршиме со 62 милиони евра“, рече тој.
Годинава како што потсети се отпочна и со модернизација на наплатните станици на Коридорот 8, Глумово и Желино, каде што ќе биде воведена исто така електронската наплата.
„Приходите кои се слеваат во нашиот буџет по основ на наплата на патарини и на други приходи се враќаат како инвестиција во одржување, рехабилитација и изградба на патишта.
Една од слабите точки што ги констатирав како прв човек на државни патишта беше одржувањето на патиштата, посебно на автопатите за што со право често бевме критикувани. Од тие причини годинава дополнително преземавме конкретни чекори да ги поправиме состојбите и во интерес на безбедно одвивање на сообраќајот на автопатиштата. Во наредните години ЈПДП континуирано и сеопфатно ќе врши чистење на автопатските делници“, додаде тој.
Во неговата самокритика Рустеми се задржа на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, за која рече дека завршувањето на проектот се пролонгира поради појава на нови свлечишта и обрушување на косините и се во фаза кога е потребна експертска помош.
„Исправени сме пред предизвикот што понатаму? Во која насока ќе се движиме?
Одговор ќе ни даде извештајот од ФИДИК експертот, како и извештајот од Државниот завод за ревизија кои ќе се најдат на следната Владина седница. Овој важен дел од Коридорот 8 треба да се реализира и да биде завршен, а деценискиот проблем решен. И експертската јавност и Државниот завод за ревизија се согласни дека проектот Кичево-Охрид е резултат на лошо проектирање и стартување, односно типичен пример како не треба прерано да се почне со реализација на еден проект.
Искуството ни покажа дека моделот на градба кој досега се применуваше е модел кој продуцира непредвидени проблеми и зголемени финансиси трошоци во реализација на проектите на терен.
Тргнувајќи од ова храбро зачекоривме кон промена на моделот на градба на патишта и сега со примена на модифицираниот ФИДИК и потпишувањето на историскиот договор со конзорциумот Бехтел и Енка, за 4 години и 7 месеци ќе изградиме 110 км автопатишта.
Многумина се скептични, не критикуваат, не веруваат дека проектот ќе успее, и ќе се реализира. Но, јас знам и сум убеден дека ова е проект на иднината и дека во предвидениот рок ќе возиме по нови автопатишта. Тогаш сите ќе се убедат и ќе ги почувствуваат придобивките од овој значаен проект во државава. И кога го потпишувавме договорот реков дека ова е проект за идните генерации и сега стојам на тој став“, потенцира Рустеми.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа