Мециновиќ: Директорот на затворот во Штип од СДС тепа студенти и активисти на Левицата
Портпаролот на Левицата, Амар Мециновиќ, на прес-конференција говореше за физичкиот напад на активистот од Црвената младина, Јован Јанев, од страна на функционерот од СДС и директор на КПД Штип.
„Директорот на затворот во Штип и функционер на СДС, Мики Тодоров, физички напаѓа студенти. Активистот на ЦМ и студент Јован Јанев вечерта помеѓу петокот и саботата во Штип бил дивјачки нападнат со физички удари – затоа што е политички активен во Левицата и затоа што, ако режимот на Груевски ја користеше полицијата да ги тепа студентите, овој режим директно удира со своите функционери. Бараме Владата да го разреши директорот поради недозволено, недолично и противправно однесување. Бараме Ковачевски да го разреши овој клучен човек на СДС во Штип, кој, меѓу другото: во 2017 како советник во Штип и секретар во општинскиот одбор физички го нападнал директорот на ЈКП ‘Исар’ – дали ова се скалила за напредување во СДС или е само непресметлива личност за која треба хоспитализиција? На функцијата директор е поставен без соодветно образование, но затоа во негово време, покрај огромниот број бегства, се издвојува и бегството на озлогласениот затвореник Красниќи“, вели Мециновиќ.
Како што вели, затворот во Штип е предмет на сериозни инциденти, тортура и трагедии, на починати за кои не се знаат околностите и причините – за целосна негрижа.
„Медиумите пишуваат за истраги против затворски полицајци кои примаат поткуп од затвореници. Во времето на Мики Тодоров триесет затвореници во штипскиот затвор штрајкуваа со глад поради тортура и испраќаа ултиматуми до директорот. Наводи велат дека правото на посета е селективно, на осудените од 27 април не им се дозволуваат посети, а за други посетите се овозможени во текот на целата недела. Дали оваа состојба во затворот ја предизвикува насилната природа на директорот? За неговата дерегулирана состојба во медиумите се појавуваат и вести како редовно се заканува со физичко насилство на социјалните мрежи, но за еден ваков мајстор на корумпираноста и насилството, секако дека и непотизмот не е непознат. Со неговото влијание ја вработува и својата жена за раководител на сектор во УЈП Штип, а неговата сестра во основно училиште“, додава Мециновиќ и потсетува:
„Во извештајот на ЕУ за Македонија за оваа година се вели: ‘Состојбата во затворите и понатаму е очајна. Препораките на Европскиот комитет за спречување тортура на притворени и осудени лица не се адресирани, што е крајно загрижувачки’. Во извештајот условите во затворите се опишуваат како НЕЧОВЕЧКИ. СДС има една цел, тоа е да остане на власт, да ги заштити своите криминалци и насилници и да продолжи да владее со насилство и грабеж. Против Мики Тодоров ќе биде поднесена приватна тужба и кривична пријава, а очите на јавноста се вперени во премиерот во заминување Ковачевски, дали со министерот Спасовски ќе се обиде забошотување на случајот токму во нивен европски стил. Поминува нивното време на насилство“, завршува Мециновиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа