Познат е начинот на кој ќе фунцкионира системот на безбедносните камери
Секој сторител на сообраќаен прекршок што ќе биде „фатен“ од камерите, на домашна адреса ќе добие фотографија од возилото со регистарската табличка, местото, времето и кој прекршок е направен, пишува Плус Инфо. Ако сопственикот негира декас го управувал возилото за кое е утврдена казна, тогаш повторно ќе му биде испратена фотографија од лицето кое го возело автомобилот, но не и на другите патници кои се наоѓале во тој момент во возилото. После тоа виновникот ќе мора да плати.
Поминување на црвено, движење со поголема брзина од дозволената, погрешно паркирање и слични прекршоци ќе бидат регистрирани од новите камери кои се дел од системот „Сејф сити“, а казните за сообраќајните прекршоци ќе пристигнуваат на домашните адреси на сопствениците на автомобили.
Плусинфо од свои извори дознава за што точно ќе служат новите поставени камери и кои прекршоци ќе бидат вклучени, а исто така и како ќе функционира целиот систем пред да биде пуштен во употреба, за што ќе се донесе и посебен закон, најверојатно во следните два месеца.
По стартувањето на новиот систем со новите камери, возачите ќе треба да бидат многу повнимателни при возењето, бидејќи ќе бидат санкционирани за секое зголемување на брзината над дозволеното. Исто така, системот ќе ги регистрира и оние возила кои на раскрсница ќе минат кога на семафорот ќе биде вклучено црвено светло.
Покрај овие казни, ќе бидат санкционирани непрописно паркираните возила, а притоа го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот во градските средини.
Нема да куртулат ниту возачите кои не го носат безбедносниот појас додека се возат во возилото, но исто така казна ќе добијат и оние кои користат мобилен телефон додека управуваат со автомобилот.
Секој сторител на сообраќаен прекршок што ќе биде „фатен“ од камерите, на домашна адреса ќе добие фотографија од возилото со регистарската табличка, местото, времето и кој прекршок е направен.
– Доколку сопственикот го негира прекршокот, тврдејќи дека тој не го управувал возилото за кое е утврдена казна, тогаш повторно ќе му биде испратена фотографија само од лицето кое го возело автомобилот, но не и на другите патници кои се наоѓале во тој момент во возилото. Тогаш казната ќе биде наменета за возачот, но не и за сопственикот на автомобилот. Секако, приватноста на секој од возачите ќе биде загранатирана, па затоа фотографии ќе добива само лицето кое го управува автомобилот – објаснува нашиот извор.
Камери коишто ќе евидентираат сообраќајни прекршоци засега ќе има во Скопје, во Тетово и во Куманово, како и на автопатиштата, а во иднина се размислува за воведување на системот „Сејф сити“ и во другите градови во земјава.
Од Министерството за внатрешни работи нè информираа дека во моментов сè уште се поставуваат камерите низ градовите каде што го има системот „Сејф сити“. Камерите сè уште не се во функција, а по завршувањето на сите потребни активности околу овој проект, соодветно ќе ја известат јавноста.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна ја најави надградбата на системот „Сејф сити“, но зборуваше за вклучување на автопатиштата низ државата и други поголеми градови.
– Во овој момент го имаме само во Скопје, Куманово и Тетово, а во тек е процес на надградба на целиот овој систем. Надградбата ќе ги вклучи и автопатиштата низ државата и овие три градови и тука ќе се вклучи, секако, и електронското утврдување на сообраќајните прекршоци. Идејата е да се прошири, пред сè, во големите градови каде што имаме поголема фреквенција на луѓе. Штип е еден од тие градови, иако мораме да кажеме дека Истокот, подрачјето на Штип е мирно, стабилно, меѓутоа секаде каде што имаме видеонадзор имаме подобрување на безбедносната состојба, но ни помага и во истражната дејност на јавната безбедност – рече Спасовски во одговор на новинарското прашање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа