Ковачевски: Нашата коалиција ќе биде победничка, а јас повторно ќе бидам мандатар

 

Се водат разговори и со традиционалните коалициски партнери и со другите коалициски партнери во Владата, но да оставиме простор, врз основа на емпириските анализи и врз основа на програмското и кадровското усогласување, да дојдеме до заедничка одлука за конкретниот настап на изборите, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Одговорајќи на новинарско прашање дали е можно СДСМ и ДУИ да одат посебно на изборите и како напредуваат разговорите за предизборна коалиција, тој повтори дека коалициите се прават врз основа на вредности.

Ковачевски потсети и дека СДСМ, со одлука на Извршниот одбор, веќе повика на широк европски фронт за изборите во 2024 година.

Според него, едно е сигурно, дека на изборите ќе има два блока од кои едниот, предводен од СДСМ, како што истакна, ќе биде оној што се залага за европска интеграција на државата.

-Нормално дека се водат разговори со коалициските партнери. Тие разговори се на две нивоа, едното е со коалициските партнери кои се во нашата коалиција традиционално и гледате дека дел од нив излегоа со соопштенија дека на изборите ќе настапат заедно со СДСМ. Истото се однесува и на разговори со другите коалициски партнери со кои сме во Владата, а со кои делиме заедничка вредност за европските интеграции, но треба да оставиме простор на времето, врз основа на емпириските анализи и врз основа на програмско и кадровско усогласување да дојдеме до заедничка одлука за конкретниот настап на изборите. Но, едно е сигурно, на изборите ќе има два блока, едниот е блокот што се залага за европска интеграција на државата и тој ќе го предводи СДСМ со претседателски кандидат предложен од СДСМ и на изборите на 24 април тој ќе биде победничкиот кандидат, а на изборите на 8 мај коалицијата за европска интеграција на Македонија ќе биде победничката коалиција и јас повторно ќе бидам мандатар за составување на следната влада. Коалициите се прават врз основа на вредности. Ние покажавме во текот на изминатиот мандат и претходно, дека можеме да донесеме одлуки кои значат просперитет за државата, пред се тука мислам на евроатлантските интеграции, но и на економски просперитет, рече Ковачевски. 

Повикувајќи се на статистичките податоци, напомена дека минималната плата е двојно покачена, а просечната повисока за 50 отсто.

-Просечната плата е на историски највисоко ниво во моментов. Инвестициите се на највисоко ниво, антикризните мерки се наменети за најранливите, подготвивме девет пакети кои, според Светска банка, се поголеми од сите земји во регионот, обезбедивме електрична енергија и снабдување на сите потребни продукти без никакви пречки во изминатите три кризни години. Сметам дека на база на тие вредности и перформанси повторно ќе имаме коалиција која ќе биде победник и на претседателските и на парламентарните избори во 2024 година, рече Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Договорот за подготовка на активности за изградба на откупни центри во Струмица и Ресен.

25.12.2023 - 14:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега