Со пренамена на средства поддржани 66 проекти во 44 општини
Со пренамена на средства 44 општини добија финансиска поддршка за нови и реконструирани училишта, здравствени објекти, спортски сали, градинки, улици, проекти од областа на животна средина, култура... Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски кажа дека целта на потпишувањето на договорите помеѓу министерствата, агенциите и општините е да се покаже колку се важни граѓаните.
Ковачевски информираше дека се обезбедени две милијарди денари или 32,5 милиони евра преку пренамена на финансиски средства од буџетите на шест министерства и една агенција за вкупно 66 проекти за 44 општини во државата. Заедничка цел на централната и локалната власт, вели тој, треба да бидат потребите и интересите на граѓаните.
-Вкупно две милијарди денари или 32,5 милиони евра се обезбедени преку пренамена на финансиски средства од буџетите на шест министерства и една агенција, односно од министерствата за здравство, за образование, труд и социјална политика, транспорт и врски, култура и животна средина и просторно планирање и Агенцијата за спорт и млади. Овие пари се наменети а вкупно 66 проекти за 44 општини во државата. Се работи за проекти за реконструкција на улици и локални патишта, изградба и реконструкција на училишта и на градинки, здравствени установи, спортски сали … и други проекти кои во најголем дел од државата веќе имаат подготвено документација со којашто може да се отпочне со работа. Со нивната реализација овозможуваме подобра инфраструктура, поквалитетни услуги, подобро образование и здравство, како и можности за повеќе спортски активности и поголема заштита на здравјето на граѓаните, рече Ковачевски.
Во обраќањето премиерот истакна дека дел од проектите се наменети за реконструкција и изградба на училишта и спортски сали во Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода и Охрид, парите за овие проекти во износ од 380 милиони денари или над 6,1 милион евра ќе се обезбедат од МОН. 250 милини денари над чеитри милиони евра се обезбедени од МТСП за проекти за подобрување изградба и реконструкција на градинки во општините Ѓорче Петров, Аеродром, Бутел, Карпош и Кисела Вода. Министерството за транспорт и врски ќе пренамени над една милијарда денари односно 16,2 милиони евра за изградба и реконструкција и асфалтирање на улици, патишта, мостови … во општините Битола, Богданци, Боговиње, Гостивар, Дебар, Делчево, Желино, Илинден, Јегуновце, Карпош, Кичево, Кривогаштани, Крушево, Маврово и Ростуше, Македонски Брод, Пехчево, Пробиштип, Сарај, Скопје, Старо Нагоричане, Теарце, Општина Центар, Чашка и Крива Паланка.
Над 183 милиони денари или три милиони евра од МЖСПП ќе се пренаменат за проекти од животна средина во Валандово, Прилеп, Берово, Чучер Сандево и во Пласница.
Во делот на културата 30 милиони денари или половина милион евра од Министерството за култура ќе се обезбедат за реализација на проектот за Дом на култура во селото Матејче во Липково.
Преку Агенцијата за спорт и млади ќе се пренаменат 114 милиони денари или скоро два милиони евра за изградба на спортски сали, терени, урбани опреми во Штип, Велес и Ѓорче Петров.
Поддршката за општините продолжува најавува премиерот.
Министерот за финансии Фатмир Бесими кажа дека е задоволен од процесот со кој им се помага на граѓаните преку развој на капиталните инвестиции. Тој им се заблагодари и на пратениците на Комисијата за финансирање и буџет, како и на колегите од Владата кои ги поддржале проектите за развој на општините и поквалитетно живеење на граѓаните. Во обраќањето Бесими потсети дека со Законот за фискална децентрализација, 2021 година беа изгласани реформите за зголемување на делот од данок на додадена вредност, е наменет за општините.
- И оваа година за наредната се предлага последните стапки како што е шест проценти од ДДВ, односно уделот и шест проценти од данокот на личен доход. Во однос на износот на зголемени блок дотации 2024 во однос 2023 има повеќе на централно ниво, 3, 1 милијарда денари од кои 787 повеќе по основ на ДДВ и 229 милиони денари повеќе по основ на данок на личен доход. Општинските структурни обврзници за репрограм на стари обврски во однос на 2021 каде што три општини пријавија и се склучија договори. Исто така важно е што има обезбедено со Светска банка 50 милиони евра заем којшто се реализира преку единица од финансии во однос на подобрување на инфраструктурни проекти за зелена транзиција, енергетска ефикасност. Како политика на Влада и Министерство за локална самоуправа, трансформацијата на Бирото за рамномерен регионален развој во агенција за локален и регионален развој што ќе даде многу повеќе можности покрај средства од буџет и други меѓународни финансиски институции вакви проекти во иднина да имаат уште поголема финансиска поддршка, рече Бесими.
Тој кажа дека градоначалниците подготвиле ефикасни проекти, спремни за реализација и информираше дека сите овие средства што денеска се потпишуваат ќе се реализираат до крајот на годинава, подготвени се технички во трезорот за да се спроведат пред завршувањето на фискалната година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа