Жена – фантом ги расплака службениците откога за првпат доби извод од матична книга на родени

 

Со солзи и неколкупати повторено благодарам, жена која досега била фантом, невидлива за државата, денес првпат зеде в раце извод од матичната книга на родени. Нејзината реакција ги расплака и службениците во Управата за водење матични книги кои кришум си ги бришеа солзите. Премиерот Димитар Ковачевски го врачи првиот извод на едно од лицата кои досега не биле евидентирани и покрај тоа што се родиле и израснале во земјава.

„Денес ставивме крај на еден горлив, тридецениски проблем кој го имаат стотици граѓани кои се родиле на територијата на нашата држава, но не беа впишани во матичната евиденција и немаа изводи на родени. Овие наши граѓани немаа документи за идентификација, не можеа да се лекуваат, ниту да се вработат, не можеа да склучат брак, ниту пак да го регулираат статусот на нивните деца, едноставно ги немаше во системот на државата. Овие проблеми веќе се минато. Измените во законот го отворија патот за решавање на 526 човечки судбини од кои досега е извршен упис во матична книга на родените на 409 лица, а останатите 117 лица ќе бидат впишани до крајот на годината“, рече премиерот Ковачевски и ги охрабри граѓанските здруженија кои работат на оваа проблематика доколку се уште постојат неевидентирани лица да ги поттикнат да ја почнат процедурata за добивање извод од матична книга на родените.

Најзаслужни за евидентирање на досега невидливите лица за државата покрај Министерството за правда и Управата за водење матични книги, премиерот смета дека се пратеничките Соња Мираковска, Љатифа Шиковска и Снежана Калеска-Ванчева оти ги подготвиле амандманите на законот за матична евиденција со кои системски се реши проблемот на неевидентираните лица.

Министерот за правда Кренар Лога рече дека со овој чекор Македонија е на прво место во Европа и на второ место во светот за решавање на проблемот со неевидентираните.

„Овие лица повеќе нема да бидат маргинализирани, дискриминирани, лишени од здравствена и социјална заштита, образование и пристап до правдата“, рече министерот Лога.

Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени беше донесен во 2020 година, а измените на овој Закон Собранието ги изгласа на 14 јуни годинава. Законот го гарантира правото на упис во матична книга на родени на секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија веднаш, а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето на детето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители.

19.12.2023 - 13:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега