Зголемувањето на цената на струјата би било за 27 проценти доколку се прифатат барањата на компаниите

 

Доколку се прифатат барањата од компаниите, зголемувањето на цената на струјата би било за 27 проценти, соопшти денеска Регулаторната комисија за енергетика.  Претседателот на РКЕ Марко Бислимовски на прес-конференција рече дека почнуваат анализите за цената на струјата и дека до крајот на следната недела се очекува да се донесат цените за МЕПСО, МЕМО и Електродистрибуција.

Барања поднеле овие три компании, но дел од нив, како што рече Бислимовски, не се целосни поради тоа што тендерот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите кај МЕПСО треба да се реализира до крајот на оваа недела, а исто така и Електродистрибуција го доставила барањето пред да го реализира нивниот тендер поради што во нивното барање ги нема податоците за трошокот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите. 

- Затоа РКЕ не може точно да каже колку МЕПСО побарал и колку има побарано Електродистрибуција. Исто така имаме информација кај тендерот за универзалниот снабдувач дека ЕСМ понудил цена и веќе тоа е цена која ќе се реализира од 57 евра за мегават час наместо претходните 53 евра за мегават час и наместо обезбедување на вкупните потреби од 100 проценти за домаќинствата и малите потрошувачи, ќе биде 95 проценти, појасни Бислимовски. 

Потоа согласно измените на Законот за енергетика, универзалниот снабдувач ќе треба да направи пресметки кои треба да ги достави на контрола во РКЕ.

- Во таа контрола имаме право да донесеме и посебна одлука со точно утврдени забелешки и таа одлука ќе биде обврзувачка за универзалниот снабдувач, рече Бислимовски. 

Во однос на евтината тарифа која се воведе од 1 декември, Бислимовски посочи дека според информациите што ги има, кај првата отчитувачка група веќе се сменети 80 проценти од броилата, а од 15 декември треба да почне менувањето на броилата во втората отчитувачка група.

12.12.2023 - 12:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега