Костадиновска-Стојчевска: Македонската култура и официјално станува дел од „Културните патеки“ на светите Кирил и Методиј
Македонската култура, за прв пат станува дел од европскиот проект, „Културните рути“ на Советот на Европа. На последното Генералното Собрание на асоцијацијата, беa прифатени апликациите на Институтот за македонска литература од Скопје и на Јавната научна установа Институт за старословенска култура-Прилеп. Беше донесена одлука дека почнувајќи од 1 декември годинава, овие две значајни установи стануваат полноправни членки на „Културната рута на св.Кирил и Методиј“.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска поздравувајќи го изборот, вели: „Ние сме и сакаме да бидеме и чувари и градители на европските вредности. Преку нашето учество на Културните рути на св. Кирил и Методиј, ја отвораме нашата земја за да ја надополниме богатата европска историја. Препознавајќи се на оваа културна рута и ние како држава, која високо ги уважува и достојно го чува споменот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, се впишуваме на овој пат преку кој сакаме и ние да ги афирмираме и да ги збогатиме сознанијата за европските културни идентитети“.
Културната рута „Кирил и Методиј“ се протега низ историски поврзани места од животот и мисијата на светите Кирил и Методиј, каде што патниците можат да сведочат на значајни остатоци и денес. Членки на оваа културна рута, освен Северна Македонија се и: Бугарија, Чешка, Грција, Унгарија, Словачка, Словенија, Италија и Хрватска.
Костадиновска-Стојчевска потсетува дека на нејзиното минатогодишно учество на
свечената церемонија на Форумот на Културните рути на Советот на Европа, кој се одржа на Крит, таа го изрази и нашиот интерес за вклучување во Културната патека на браќата Кирил и Методиј.
Министерката за култура изразува задоволство што Северна Македонија станува дел и од оваа значајна иницијатива, и додаде дека поврзувањето на фактите, на видливите сведоштва низ Културните рути на Советот на Европа, го гледаме и како можност за развивање на интеркултурниот дијалог и разбирање одблизу на историјата на Европа.
Костадиновска-Стојчевска најавува дека нашата држава ќе аплицира и за вклучување и во други „Културни рути“, кои како што нагласува овозможуваат богатство на слободни и едукативни активности за сите граѓани на Европа и, меѓу другото, се клучни ресурси за одржлив развој на културниот туризам.
Досега, преку неколку компании, нашата држава беше дел од Рутата на маслиновите дрва и Винската рута, Итер Витис, а од минатата година, Северна Македонија официјално пристапи кон Проширениот парцијален договор за Културните рути на Советот на Европа (ЕПА).
Иницијативата Културни рути на Советот на Европа, која е поттикната пред 35 години има цел да го претстави заедничкото културно наследство, за подобро разбирање на европскиот културен идентитет и за обликување заеднички културен простор.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа