Џафери: Доколку датумот е 8 мај, на 28 јануари техничка влада а 28 февруари распишување на изборите

Доколку партиите се договорат претседателските и парламентарните избори да бидат заедно и датумот да биде 8 мај, претседателот на Собранието, Талат Џафери, вели дека изборите треба да бидат распишани до 28 февруари, а во согласност со пржинскиот договор техничката влада треба да биде избрана еден месец претходно, односно до 28 јануари. Тој денес на брифинг со новинарите даде појаснување за роковникот.

„Ако се претпостави она што се шпекулира дека 8 мај би бил прифатлив за сите изборите да бидат заедно, претседателските и парламентарните, тогаш роковите се во рамките на минимум 70 и максимум 90 дена од распишување до одржување на изборите, во тој случај тие би се распишале 27-28 февруари. Ако изборите се одржат заедно, значи на 8 мај, како резултат на пржинскиот договор техничка влада би требало на крајот на јануари да е избрана. Значи на 27, 28 јануари да се избере техничка влада. Тоа се роковите во однос на она што би бил конкретниот датум за избори доколку е 8 мај. Појасно, само здравје“, рече претседателот на Собранието, Џафери.

Нагласи дека политичките партии во Собранието заеднички треба да го изберат датумот во рамките на она што го пропишуваат Уставот и законите, односно да се внимава на обврските од последните 60 дена од претседателските и 90 дена од парламентарните избори и на мандатите на двете институции.

Џафери претходно им даде рок на партиите до Нова година се усогласат и да изберат датум за изборите и најави дека ако дотогаш не се договорат тие, датумот за претседателските избори ќе го одреди тој.

Минатата недела и опозицијата и Владата во одвоени изјави посочија дека мај е соодветен период за заеднички, претседателски и парламентарни избори, но официјален договор сè уште нема.

27.11.2023 - 13:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега