(Видео) Започна со работа новиот пункт на МВР за промена на личните документи без закажување

 

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со раководството на МВР го посети новоотворениот пункт на МВР за промена на лични документи, лоциран во салата на сообраќајна полиција во рамки на Полициската станица „Пролет” во Кисела Вода.

„Од денеска и официјално го отпочнуваме процесот на фотографирање за лични документи на граѓаните од Скопје, без претходно закажување на редовната постапка, со цел во определениот законски рок, до 12 февруари 2024 година, граѓаните да ја направат промената на личните документи со Република Северна Македонија, задолжителна обврска која што произлезе од Преспанскиот договор потпишан со Грција”, рече министерот Спасовски во изјава за медиумите.

Иако вчера требаше да биде ден за тестирање без да биде отворен за граѓаните да можат да се сликаат, МВР сепак им дозволи на граѓаните кои чекаа во ред да се сликаат, но од денес овој пункт и официјално е отворен.

Притоа, тој информираше за воспоставениот систем на работење на пунктот.

„За таа цел периодов инсталиравме 10 нови работни станици каде што ќе можат граѓаните да извршат сликање за документите. Системот е тестиран и овозможува по околу 1000 лица за период од еден работен ден да ја поминат процедурата. Воедно, сакам да информирам дека работното време на пункот е од 08.00 до 18.00 часот, со можност за продолжување до 20.00 часот. Спасовски информираше дека на 13 и 14 ноември пред официјалното пуштање во употреба на новиот пункт за прием на барања без закажан термин беа примени околу 1000 барања и граѓаните беа задоволни од понудените промени без закажан термин. До овој момент на ниво на држава заменети се 1.050.000 патни исправи, 900.000 лични карти и 480.000 возачки дозволи, така што со една силна динамика го продолжуваме процесот во интерес на граѓаните навремено да ги остварат своите права и обврски. За поздравување е тоа што граѓаните од внатрешноста на државата дури околу 80% имаат направено промена на документите со Република Северна Македонија”, истакна министерот наведувајќи ги причините за воспоставување на пунктот.

„Причина за отворање на овој нов пункт беше бројноста на населението во Скопје, како и фактот дека околу 70% од закажаните термини кои што ги имаат граѓаните резервирано преку телефонскиот број – ги откажуваат, не се појавуваат на тие термини, се презакажуваат нови термини, што создаде одлагање на целиот процес. Затоа, ние како раководство на МВР одлучивме да излеземе во пресрет на граѓаните, да создадеме можност за започнување на процедурата без закажување на редовната постапка, туку со лично појавување во салата по принципот „прв дојден прв услужен“, рече Спасовски.

Спасовски апелираше до граѓаните да имаат трпение и разбирање кон службениците во управните служби при остварување на својата обврска за промена на личните документи со овој забрзан систем на промена на документите, почитувајќи го редот и дисциплината во објектот.

15.11.2023 - 12:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега