Меџити: Ме гушат костумот и вратоврската

Крајно време е Обвинителството да излезе со име и презиме за случајот „Онкологија“, повторно посочи министерот за здравство Фатмир Меџити при посетата на Клиниката за неврологија.

– Повикувам уште еднаш, апелирам за случајот со Клиниката за онкологија, крајно време е Обвинителството да излезе со точно име и презиме, зашто овој костум и оваа вратоврска ме гушат – порача Меџити и дополни дека во овие осум месеци откако е министер, работите во здравството се менуваат и се средуваат, иако костумот и вратоврската го гушат и најубаво се чувствува во бел мантил.

Министерот Меџити, на вчерашната промоција на новата медицинска опрема и на реновираните специјалистичко-консултативни амбуланти на Клиниката за неврологија, која е негова матична клиника, оцени дека секој ден треба да гасат новонастанати жаришта во здравството и дека веќе почнале работите да се средуваат и да напредуваат.

Меџити, меѓу другото, најави и набавка на нова магнетна резонанца на Клиниката за неврологија и целосно реновирање на ургентниот интернистички центар со тријажа.

– Ќе почне да се реновира во целост ургентниот интернистички центар со тријажа и веќе нема пациентите да талкаат по ходниците. Јас и моите колеги невролози знаеме точно дека пациентите талкаат од една до друга клиника. Сега ќе доаѓаат на едно место и таму ќе се третираат – објасни министерот и најави дека ќе има и нова магнетна резонанца, особено за Клиниката за неврологија и дека за брзо ќе го распишат тендерот.

Меџити кажа дека новина е што Клиниката за кожни болести ќе премине во Клиниката за неврофизиологија.

– Клиниката ќе биде во целост адаптирана и реновирана за услови за Клиниката за кожно, а Клиниката на неврофизиологија ќе дојде на местото на Клиниката на кожно и така постепено сите тие ќе бидат реновирани. Но верувајте, целиот тим работиме заедно за овие работи еднаш засекогаш да се решат – изјави Меџити.

Во однос на набавката на нова магнетна резонанца, информира дека во моментот се прават подготовките и дека во скоро време ќе биде објавен тендер.

– Тоа е процес што бара посветеност, бидејќи за да ја набавите таа апаратура, потребни се и услови – објасни ресорниот министер Меџити и потсети за примерот со штипската болница, некој во минатото набавил апаратура, а нема услови каде да се постави таа.

Меџити, инаку, генерално е задоволен од сработеното додека тој е во министерската соба. Според него, за овие осум месеци, многу нешта се смениле во здравството на позитивно.

10.11.2023 - 14:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега