МВР со апел: Појава на т.н. фишинг-напади, граѓаните да не наседнуваат на измами и да не ги споделуваат личните податоци со непознати лица
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи периодов констатира зачестена појава на таканаречени фишинг-напади врз граѓаните, со цел неовластено прибавување лични податоци од нив, минформираат од ресорното министерство.
Фишинг-нападот, како што појаснуваат, е обид за измама на корисниците преку испраќање лажна порака, која изгледа како вистинска.
„Фишинг-нападите имаат цел да го измамат примачот на пораката и да го наведат да ги открие своите лични податоци, да посети лажна веб-страница или да отвори додаток (прилог) прикачен на пораката, кој е заразен со вирус. Обидите за фишинг обично доаѓаат преку електронска пошта, но и од социјални мрежи, преку текстуална СМС-порака или со телефонски повик“, се истакнува во соопштението на МВР.
Оттаму, Министерството за внатрешни работи со цел заштита на граѓаните, на нивните лични податоци и можните злоупотреби и последиците што може да произлезат, апелира до граѓаните за посебна внимателност при добивање на ваквите пораки, да не наседнуваат на измами од ваков тип и нивните лични податоци да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може да им се утврди вистинскиот идентитет, со цел спречување на нивна понатамошна злоупотреба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа