Шаќири: Ако децата уште од најрана возраст научат да ги почитуваат поинаквите од себе по религија и култура, нема да има конфликти

 

 

Според министерот за образование Јетон Шаќири, најголемо влијание на меѓусебното разбирање и почитување, вклучително и почитувањето на верските разлики, има токму образованието.

„Ако децата уште од најрана возраст научат дека не сите луѓе се исти, научат да ги почитуваат поинаквите од себе по религија, култура, државата ќе биде ослободена од грижите дека некогаш ќе се појават внатрешни конфликти меѓу граѓаните, а причина ќе биде токму религијата“, истакна Шаќири на отворањето на „Првата светска конференција за религиски дијалог и соработка“, на која Македонија е домаќин, а се одржува во Струга во организација на Министерството за култура.

„Ние што ги креираме образовните политики, посветуваме особено внимание на овој аспект. Денес, нашите деца имаат предмети посветени исклучиво на запознавањето на религиите. Ги продлабочуваат знаењата за сопствената, но и за другите религии. Учествуваат во воннаставни активности и проекти, кои го развиваат мултикултурализмот и создаваат силни врски помеѓу различните етнички и верски заедници“, рече Шаќири.

„Промените во образовниот систем се стратешки потег, со кој, покрај другите ефекти што ќе се постигнат од аспект на создавање уште поквалитетни генерации, ценам дека ќе се даде голем придонес во зачувувањето на општествениот мир и хармонија, токму поради подигнувањето на свеста за почитување на различностите“, нагласи министерот.

Посакувајќи успешна конференција, Шаќири ги повика сите учесници да се вклучат во дискусиите во следните денови бидејќи, како што рече, така ќе придонесеме за унапредување на религиската соработка и со тоа кон градењето на светот како подобро место за живеење.

05.10.2023 - 12:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега